Изминатата година успеавме да го фатиме чекорот во внатрешните реформи со она што се правеше на надворешен план и тоа е сериозно признаено од страна на Европската комисија со последниот извештај, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска, зборувајќи за годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.
Прашана за значењето на Договорот од Преспа, кој отвори многу врати на меѓународен план, за внатрешните реформи, Дескоска рече дека иако добар дел од фокусот во изминатиот период беше насочен повеќе на меѓународен план и надворешната политика сепак успеавме да фатиме чекор и со внатрешните реформи.
– Изминатата година успеавме да го фатиме чекорот во внатрешните реформи со она што се правеше на надворешен план. Мислам дека тоа е сериозно признаено од страна на Европската комисија со последниот извештај, истакна Дескоска.
Посочи дека во изминатиот период немале и не барале никакво оправдување да ги остават внатрешните реформи на страна.
– Направивме реформи што се позитивно оценети во Извештајот на ЕК, истакна Дескоска.
Денеска е годишнина од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој се стави крај на речиси тридеценискиот спор меѓу Скопје и Атина околу името.
Во малото населено место Нивици на грчката страна на Преспанското Езеро точно пред една година Никола Димитров и Никос Коѕијас го ставија својот потпис на Договорот, со кој се одблокираа интегративните процеси на земјава во НАТО и Европската унија, а Македонија согласно договореното се преименува во Република Северна Македонија.