ВМРО-ДПМНЕ: Да се ослободат неоправдано притворените

Патриотите во притвор се политички обвинети. Тие мора да бидат ослободени.

Конструираниот случај против десетици невини луѓе за фабрикувано дело тероризам мора да запре. Десетици неправедно и неосновано осомничени патриоти се наоѓаат во притвор заради неаргументирани барања на ОЈО. Тие се жртва на политичката инквизиција која и се случува на Република Македонија.

Правосудните органи мора да се ослободат од стегите и притисокот и своите одлуки да ги донесуваат исклучиво согласно позитивните законски норми. Независното судство е право на граѓаните, кое не смее да им биде скратено.

Судот пред себе има доволно аргументи кои говорат дека делото тероризам за кое се товарат патриотите е монтиран случај. Судот врз основа на аргументите и законите треба да ги укине притворите и да му стави крај на овој политички монтиран случај.

Судот има обврска да ја гарантира законитоста и да биде чувар на демократијата. Судот има одговорност пред Евроатлантските аспирации на земјата да постапува исклучиво врз основа на закон, Устав и меѓународните договори, а не врз основа на притисоци.

Судот не смее да го занемари извештајот на Народниот правобранител. Народниот правобранител јасно предочи дека полицијата извршила прекршување на законот при апсењето, со што директно изршила кривично дело од чл.140 од КЗ. Непочитувајќи ги имунитетот на пратениците, но и презумпцијата на невиност. Судот не смее да ги занемари аргументите и да остане соучесник.

Институциите, како и сите политички и општествени чинители во Република Македонија имаат единствена обврска да ја придвижуваат државата кон Евроатланските структури, да ја зачуваат демократијата и правната држава. Ништо од тоа нема да биде случај се додека институциите се користат за фабрикување на кривични постапки против политички неистомисленици.

Граѓаните имаат потреба од силни институции кои ќе го спроведуваат законот. Државата итно мора да тргне по патот на демократијата и никој не смее да биде пречка на тој пат.