Премиерот Зоран Заев, кој е во посета на Германија, во интервју за германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ вели дека ЕУ и шефовите на европските држави дале ветување дека доколку се реши спорот со Грција, земјата ќе напредува на патот кон ЕУ.
– ЕУ останува голем поттик за нас. Сакаме да се подобриме, како држава и како општество. Но исто така е точно дека ЕУ, канцеларката Меркел и многу други шефови на европски влади ни дадоа ветување во однос на решавањето на спорот со Грција и спроведувањето на внатрешните реформи. Ни беше речено: Исполнете вие, ќе исполниме ние. Уште од 2005, значи веќе 15 години сме кандидат за членство во ЕУ. Нерешениот спор со Грција сиве овие години беше голема пречка. Во февруари 2018 бев во Берлин, и пораката од Ангела Меркел беше големо охрабрување за сите нас – Доколку го решите спорот за името и ги започнете важните реформи, и Европа ќе се држи до својот збор. Канцеларката Меркел не посети и на нашиот Ден на независноста и ја повтори оваа порака, вели Заев во интервјуто што го пренесува Дојче веле.
Неотворањето на преговорите со ЕУ, смета него, ќе го засили влијанието на трети држави. – Кинеските економски интереси во регионот се познати. Русија е видливо поактивна во Србија, но традиционално е заинтересирана за Балканот- за нас, за Бугарија, Грција и Босна. Европа не смее дополнително да ја засилува прераспределбата на влијанието во регионот, оценува Заев.
Доколку не се добие датум за преговори, според Заев, постои можност да го изгуби мнозинството во Парламентот, а на прашањето дали тоа значи оти на земјата и се закануваат нови избори, тој одговара потврдно.
Недобивањето датум, според Заев, нема да значи и крај на напорите на земјата да се реформира, но предупредува дека ќе се загуби еланот на тој пат.
– Доколку Европа не се држи до своето ветување, ние сепак ќе ја донесеме Европа во Северна Македонија, со тоа што ќе ги спроведеме европските реформи и без процес на преговори. Но без процесот на преговори, без атрактивноста на ЕУ на хоризонтот, мотивацијата за тоа нема да биде иста, истакнува Заев.
Во интервјуто, Заев вели дека не го загрижува иднината на Преспанскиот договор доколку на изборите во Грција победи Нова демократија, но додава дека постои можност новата грчка влада да ја блокира земјата во текот на преговорите со ЕУ.
– Делови од нашиот договор се уште треба да се имплементираат, како што е воведувањето на новите пасоши и други документи со новото име, или промената на историските учебници. Тоа може во секој момент да доведе до компликации во нашите преговори за членство, вели Заев.