Велес за десет проекти обезбеди најголеми финансиски средства досега

Општина Велес најголем дел од обезбедените 2.168.713 евра или 2.026.802 евра ги обезбеди од меѓународни програми и донатори, а помалиот остаток од средствата се од буџетот на Општината, информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски.

Тој потенцира дека не се точни шпекулациите во јавноста дека ништо не се инвестира, бидејќи како што појасни, Општината за краток период обезбедила најголеми финансиски средства од процесот на децентрализација досега.

– Ова е најголема сума на средства што од почетокот на децентрализацијата се донесени како проекти во општината од различни донатори и меѓународни програми. Јас лично, а верувам и сите граѓани треба да се гордееме со овој факт, потенцира Коцевски.

Градоначалникот ја извести  јавноста дека во изминатиот период се одобрени десет значајни инфраструктурни проекти: СМАРТ, Езеро Младост, прва иновативна туристичка атракција во државата. Тоа е проект финансиран од ЕУ преку Светската банка, за кој се обезбедени над еден милион евра, асфалтирање на постоечки земјен пат помеѓу селата Сливник и Бузалково финансиран од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и рурален развој, изградба на патен правец село Сливник – село Бузалково, исто така финансиран од АФПЗРР. Оваа агенција финансира и изградба на улици во велешкото село Сливник во должина од еден километар, а финансира и изградба на постоечки пат до локалитетот Пешти.
Тука спаѓа и проектот „Велес без бариери“ финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и  УНДП  со кој ќе се постави лифт во општинската зграда и ќе се нивелираат тротоарите на повеќе локации во градот со цел да се олесни пристапот до услуги и инфраструктура за лицата со ограничена мобилност.

-Во оваа насока би сакал да ги известам жителите на сите населени места дека како што ја заокруживме инфраструктурата во Сливник, со иста посветеност и несмалено темпо продолжуваме да работиме за сите населени места кои се вклучени во програмите на општината. Деновиве очекуваме одговор на апликацијата за асфалтирање на две улици во село Иванковци во вредност од 1.830.622 денари како и уште неколку значајни апликации за инфраструктурни проекти,појасни Коцевски.

Воедно информира дека досега се издадени 136 налози за различни инфраструктурни проекти во градот и населените места

– Ве уверувам дека наскоро и на терен ќе ги видите резултатите од нашата работа, најави градоначалникот Коцевски.

Тој информира дека договорот за езерото „Младост“ вреден над еден милион евра го потпишал, а Проектот треба да го завршат до крајот на годината,  со што како што појасни, езерото „Младост“ во близина на Велес ќе прерасне во најзначајна транзитна туристичка дестинација во државата.