Советот на Охрид решаваше за ребаланс на буџетот, нов сезонски режим на сообраќај и паркирање

Општинскиот совет на Охрид денеска расправаше по предлогот за ребаланс на буџетот, точка што предизвика расправа меѓу советниците од власта и опозицијата.

Опозицијата смета дека таквата одлука нема оправданост бидејќи на најобемниот буџет и на веќе исплатени средства од Владата во износ од осум милиони евра на сметката за раздолжување, сега општината повторно дополнително ќе дава средства за раздолжување, а ќе се кратат пари наменети за капитални инвестиции.

Градоначалникот Константин Георгиески одлуките ги појасни пред јавноста, особено оние на кои имаше забелешки опозицијата, а во врска со релокација на одредени средства ги посочи поголемите суми што се предмет на ребаланост.

– Четири милиони денари за водоводот во село Лакочереј, долг напластуван години наназад. Во програмата ФА Уредување – градежно земјиште надополнуваме нови 28 милиони денари и тука се предвидени тие ставки за исплата по однос на спогодба за раздолжувањето на општина Охрид. Тука не станува збор за никакво фаворизирање или „полнење џебови“ како што беше кажано од членови на опозициските партии, рече тој притоа, појаснувајќи дека раздолжувањето на Општина Охрид оди согласно спогодбите кои ги изгласаа советниците и изготвената листа, без какво било фаворизирање, рече Геориески.

Во програмата Г2 има релокација на 4,26 милиони денари, средства за субвенциите кон „Визер” коишто не се исплатени за 2016 година, односно плаќање сметки на претходниот состав на локалната власт.

– Во однос на образованието имаме кратење на средства и останавме со средства коишто ни се готови проекти за да можеме да ги распишуваме тендерите за летниот период. Така до крајот на неделава се распишуваат тендери за реконструкција на покривите на четири училишта, на ОУ „Христо Узунов“, ПОУ „Св. Наум Охридски“ во село Елшани, основното училиште во село Коњско и конечно азбесниот покрив од ОУ „Братство Единство“ во Лескајца ќе биде отстранет и заменет со нов. Овие четири училишта ќе добијат нови покриви во текот на летниот распуст. Тендерот ќе се распише во текот на оваа недела и ќе биде околу 12 милиони денари. Историски гледано досега во еден распуст никогаш четири училишта не добиле нови покриви. Имаме релокација на одредени средства за течни горива коишто по долгови се околу пет милиони денари. Тоа се покрупните стапки коишто се предмет на ребалансот на буџетот, рече Георгиевски.

Што се однесува до реконструкции на улици и патишта, средствата тука се задржани и следува распишување на тендер за реконструкција на улицата кај некогашната касарна „Михајло Апостолски“ и комплетна реконструкција на улицата „АСНОМ“ во текот на летниот период, објасни Георгиески.

За новиот режим на сообраќај во текот на летниот период во централното и старото градско подрачје, Георгиески истакна дека е воспоставен согласно препораките на УНЕСКО.

Паркирањето возила во центарот на градот ќе се регулира на начин што потегот од Поштата до Капетанијата ќе биде одвоен со рампи, каде ќе се наплаќа по 100 денари од час.

– Целта е да се дестимулира движењето на возила во централното и старото градско подрачје. Жителите на стар град ќе се движат непречено низ тој простор. Се што правиме е во насока на имплементација на препораките од УНЕСКО и во интерес на граѓаните на Стар град, рече Георгиески.

Останатите паркинг-зони ќе бидат во зона Б, со пониска цена, а во средите паркирањето ќе биде бесплатно. Кејот „Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“ останува затворен за сообраќај.

На денешната седница беше регистриран и инцидент, при кој дојде до физички напад на советник врз колега. Советникот на ДУИ Нефи Усеини физички го нападнал советникот Џелал Мена од БЕСА, при што прискокнале останатите советници да спречат пресметка. Беса го пријавил случајот во полиција, најавувајќи дека ќе бара физичко обезбедување за да можат советниците слободно да гласаат по точките на расправа, без притисоци, односно по сопствена волја и убедување. Полицијата со кусо образложение дека случајот е пријавен, како и дека преземаат мерки за расчистување на овој настан.