Бошњачки демократски сојуз поддржува изборен модел со една изборна единица

Во врска со вчерашните информации во медиумите соопштени од страна на генералниот секретар на СДСМ, а во врска со иницијативата за промена на изборниот модел за избор на членови на Собрание на Република Северна Македонија, партијата Бошњачки демократски сојуз истата ја поздравува и врзано за ова прашање го поддржува предлогот пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да се избираат во една изборна единица.

Бошњачки демократски сојуз уште минатата година, односно на ден 14.05.2018 година, покрена инцијатива за изменување и дополнување на Изборниот законик и истата ја достави во писмена форма до Собранието на Република Северна Македонија. Од страна на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија добиено е известување бр.08-3265/2 од 16.05.2018 година во кое стои дека иницијативата за изменување и дополнување на Изборниот законик е добиена и дека е доставена до пратениците.

Бошњачки демократски сојуз очекуваше дека Собранието ќе ја разгледа доставената иницијатива и за таа цел подготви Предлог за изменување и дополнување на Изборниот законик на Република Северна Македонија.

Предлогот на Бошњачки демократски сојуз за изменување и дополнување на Изборниот законик на Република Северна Македонија беше изработен според косовскиот модел кој гарантира одреден број на пратенички места и истиот обезбедува помалубројните етнички заедници да можат непосредно да избираат свои претставници во Собранието на Република Северна Македонија.

До денешен ден Собранието на Република Северна Македонија не ја разгледа иницијативата на Бошњачки демократски сојуз за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Предлогот за изменување и дополнување на Изборниот законик на Република Северна Македонија партијата Бошњачки демократски сојуз го има доставено во месец јули 2018 година на претеникот во Собранието на Република Северна Македонија г-дин Ферид Мухиќ и на г-дин Христијан Мицковски претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на ден 22.11.2018 година предлогот е доставен до СДСМ и на ден 27.05.2019 година предлогот е доставен до г-дин Стево Пендаровски претседател на Република Северна Македонија.

Бошњачки демократски сојуз смета дека воведување на една изборна единица е одлично решение со напомена дека се прифатливи две опции на измени и дополнувања на Изборниот законик, односно со примена на:

(1)  косовскиот модел за гарантирани пратенички места – според веќе доставениот предлог на Бошњачки демократски сојуз со кој ќе се гарантира одреден број на пратенички места за (6 за Турците, 4 за Ромите, 3 за Бошњаците, 3 за Србите, 1 за Власите и 3 за другите етнички заедници) или

(2)  изборен модел според кој сите регистрирани партии би можеле да учествуваат со листа на 120 кандидати за пратеници (останатите да бидат обврзани да соберат 1000 потписи), при тоа цензусот за избор на еден пратеник да не се пресметува според Донтовиот модел туку истиот да се пресметува како количник на бројот на вкупно излезени гласачи на избори поделен со 120 (вкупен број на пратеници).

На крајот сакаме да потенцираме дека сегашниот изборен модел не овозможува односно не гарантира помалубројните етничките заедници да можат непосредно да избираат свои претставници, а нивните партии се принудени да учествуваат во предизборни коалиции, во спротивно немаат никакви шанси за влез во Собранието на Република Северна Македонија. Поради ова предизборно коалицирање овие партии немаат политички легитимитет да ги претставуваат своите етнички заедници. Бошњаците како и останатите помалубројни етнички заедници во Република Северна Македонија се соочени со овој проблем кој до сега ниедна политичка гарнитура не сакаше да го реши.

Искрено се надеваме дека најавените измени и дополни на Изборниот законик за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија ќе обезбедат помалубројните етнички заедници да можат да избираат свои претставници во Собранието на Република Северна Македонија.