Ѓоргиев и Димитров ќе информираат за дводневниот состанок на мешовитата комисија

Копретседателите на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, денеска во 16:30 часот во Клубот на пратениците ќе информираат за резултатите од дводневниот состанок во Скопје.

Во фокусот на македонските и бугарските историчари вчера и денеска се антиката и начинот на кој таа е прикажана во учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто во Северна Македонија. Членовите на мешовитата комисија се обидуваат да ги усогласат ставовите за античкиот период и како тој дел од историјата во учебниците да биде прикажан на начин кој нема да биде навредлив за никого.

Претходниот состанок се одржа во Софија. Целта на состаноците, како што велат од комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото.

Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно членот 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој беше потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Ангел Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.