Промоција на „Европска младинска картичка“

Премиерот Зоран Заев, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова денеска ќе ја промовираат „Европска младинска картичка“.

Проектот „Младинска картичка“ беше најавен кон крајот на 2018 година, а Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на овој проект во март годинава на 127. владина седница.

Проектот е наменет за младите од 15 до 29 години и има за цел да го олесни и подобри нивното секојдневие со поволности што ќе опфатат повеќе категории, попусти во угостителски објекти, трговија, пристап до едукативни центри, културни и спортски настани, како и за патувања во земјава и во странство.

Владата донесе и заклучок одредени министерства да се вклучат во проектот, како и препорака за единиците на локална самоуправа да станат дел од овој проект.

Втората фаза од „Младинска картичка“ е вклучување на националната картичка кон системот „Европска младинска картичка“, кога младите од нашата земја ќе можат овие бенефиции да ги уживаат и во земјите членки на ЕУ.

Директорот на АМС Дарко Каевски во април годинава за МИА изјави дека се размислува оваа картичка од година во година да се надградува со цел младите да можат да уживаат во поволностите и во другите европски држави.