Премиерот Зоран Заев и министерската делегација која ја предводи, утринава во Брисел ќе учествуваат на конференција организирана од Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД), во соработка со Центарот за европски политички студии (ЦЕПС).
На конференцијата, насловена „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, ќе се обрати премиерот Заев заедно со директорот на Европската Комисија задолжен за проширувањето, Кристијан Даниелсон, а ќе учествуваат и вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски.
Соговорниците ќе се осврнат на врската меѓу политичкиот напредок на Северна Македонија, по решавањето на спорот за името, и економскиот развој на земјата, како и на тоа кои структурни реформи се неопходни за реализирање на европските амбиции на земјата: владеењето на правото, борбата против корупција, реформата на јавната администрација, како и важноста од сочувување на независноста на Специјалното јавно обвинителство, кои се клучни фактори во создавањето поволна бизнис клима.
Синоќа премиерот Заев се сретна со членови на македонската дијаспора кои живеат во Брисел и работат во европските институции или организации. На приемот одржан во просториите на македонската амбасада во Брисел, тој им се заблагодари на македонските иселеници за нивниот придонес кон европскиот пат на Северна Македонија, и им порача дека е важно да продолжи земјата да ги реализира своите евроатлантски амбиции за еден ден секој Македонец да може, доколку посака, да се врати назад.
Пораката за важноста да се намали трендот на емиграцијата од Македонија тој ја упати и на прес конференцијата вчера со претседателот Жан Клод Јункер.