Заев: За време на Рамазанскиот пост да и дадеме сила на нашата заедница-едно општество

Премиерот Зоран Заев по повод Светиот месец Рамазан организираше ифтарска вечер на која присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, пратеници, поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, министри, градоначалници, ректори на државните универзитети, бизнисмени и претставници на граѓанските организации.

– Со секој ифтар, за време на Рамазанскиот пост, да ја споменеме и да ѝ дадеме сила и на нашата заедница, Република Северна Македонија. Една држава, едно општество на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што ни е оставена да ја чуваме и да ја негуваме. Тоа е нашата цел. За нас, и за нашите деца. На тој пат сме сите заедно, порача Заев на ифтарската вечер.

Потсетувајќи дека останува уште малку до крајот на постот на верниците од исламска вероисповед, премиерот оцени дека тоа се сериозни и важни скалила што секој муслиман ревносно ги поминува додека е посветен на сопственото морално усовршување со што го дава и својот личен придонес кон етичкото воздигнување на својата заедница.

– Кога се прави еден таков духовен подвиг, тоа не упатува и на фактот дека промените што сакаме да ги направиме почнуваат во срцето на секој верник одделно, а потоа со љубов се пренесуваат и во нашите заедници, рече Заев.

Според него, подвигот за време на постот и наградата за посветеноста, го помагаат унапредувањето на заедничките желби – да се живее во мир и спокојство, да се шири добрина меѓу соседите и да се јакнат пријателствата.