Премиерот Зоран Заев очекува датумот за почеток на преговорите со Европската унија земјава да го добие летово. Смета дека тоа е реална опција ако извештајот на ЕК за напредокот помине во националните парламенти на државите членки. Вели дека само доколку националните парламенти на земјите членки не успеат во тоа, одлуката за добивање датум за преговори би се одложила за есен.
-Очекуваме датумот за почеток на преговори да биде даден ова лето. Јасно е дека јуни е тешко достижен, заради тоа што Бундестагот има седница меѓу 3 и 6 јуни и не верувам дека извештај што се објавува на 29 мај и треба формално-правно да се процесуира и да стигне до националните парламенти на земјите членки на ЕУ, ќе може меѓу 3 и 6 јуни да биде на седница, иако ако се направат малку поголеми напори од Германија како голем пријател тоа би било можно, изјави денеска заев одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нов објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.
Ако во јуни тоа го направат, вели премиерот Заев, ние во јули би имале одлука на ГАК или на министерскиот совет, а тоа е возможно.
-Само ако не успеат националните парламенти тоа да го направат тогаш тоа би можело да се одложи за есен. Но, едно е јасно и ЕК тоа го потврди, драго ми е што тоа го направија и земјите членки, дека Преспанскиот договор плус сто отсто реформи, плус придонесот за севкупниот регион, како и чекањето 14 години во клупа како земја кандидат се наши аргументи за конечно да добиеме одлука за датум на преговори, рече Заев.
Запрашан за преговорите во врска со законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и судбината на СЈО, тој рече дека не одат во добар правец и со посакувано темпо и динамика. Вели дека нерешавањето на ова прашање, може да биде изговор некои земји членки на ЕУ да спротивстават на одлуката за доделување датум за преговори и затоа апелира што побрзо да се постигне договор.
-Не би сакал јас како премиер и ние како држава воопшто да оставиме каков било аргумент на земјите членки кои се застапени преку премиерите на Европскиот совет или преку министрите за надворешни работи на ГАК кои одлучуваат за прифаќање на препораката за почеток и добивање датум за преговори заради нерешавање на ова прашање, истакна премиерот.
Последните чекори, според Заев, биле успешни за на крајот власта да добие сосема нови предлози кои, како што рече, ги враќаат буквално да седнат и да пишуваат нов закон.
-Ова не е решение и затоа апелирам на одговорност заради тоа што дефинитивно големите суштински работи се решени. Верувам дека останаа само политичките. Подготвен сум ако се решат до крај суштинските прашања да седнам на лидерска средба и да ги дефинираме политичките работи. Убаво би било пред да се одржи тој министерски совет и ова прашање да биде решено или барем да испратиме изјава дека сме се договориле. Ако не друго за да не им даваме аргумент да не го одредат датумот за почеток на преговори, рече Заев во одговор на новинарски прашања.