Заев нема да преговара за двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на Груевски,

Премиерот Зоран Заев нема намера да преговара со пратеници за да обезбеди двотретинско место за одземање на мандатот на поранешниот премиер и сегашен пратеник Никола Груевски, затоа што, како што рече, пратениците во овој случај треба да постапат само по Устав и закон.

– За мене не е само банално, туку и смешно да се каже дека на Груевски не му било овозможено правото да дојде и да се пријавува за оправдано отсутен. Тој може да дојде во секој момент. Јас посакувам да дојде и веројатно ќе биде добро да си дојде дома. Тоа е нашата цел, па да се пријавува и како оправдано отустен, рече Заев.

Тој верува дека пратениците ќе постапат по Устав и закон, бидејќи, како што рече, тоа зборува и за нив, за сите, без разлика дали се од власта или од опозицијата.

-Немам намера да преговарам за оваа работа со пратеници за да добијам две третини да гласаат. Тоа е на нивната одговорност и секако на нивниот етички кодекс и морал, потенцира Заев одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новиот објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.