Комисијата предложи да му се одземе мандатот на Груевски (ДПЛ)

Собраниската Комисија за мандатно – имунитетни прашања со пет гласови „за“, ниту еден против и ниту еден воздржан утврди предлог за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, кој побегна и доби политички азил во Унгарија. Предлогот за одземање на мандатот на Груевски е поради негово неоправдано отсуство од собраниските седници во периодот од 14 ноември 2018 до 14 мај 2019 година, односно во траење од шест месеци.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија за предлогот, ниту гласаа за дневниот ред на седницата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска-Стојкоски повикувајќи се на Уставот и Декларацијата за човекови права рече дека не може кој било да биде неоправдано отсутен ако го искористил своето право да бара азил. Деловникот, додаде таа, дозволува секој пратеник да пријавува отсуство, но како што рече Стаменковска-Стојкоски, тоа не било дозволено од владејачкото мнозинство. Груевски, според неа, бил спречен од „целата пратеничка група на СДСМ“ да го пријавува своето отсуство.

Потпретседателката на Комисијата Снежана Калевска-Ванчева рече дека е очигледно оти има различно толкување на Уставот и Деловникот и дека за одземање на мандатот на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство.
– Не знам како не му било дозволено да пријавува отсуство. Никој не го натера да бара азил. Дали азилот ќе биде третиран како оправдано отсуство или не, е на сопстената совест. Очигледни се фактите за неоправдано отсуство, рече таа.
Собранието на наредната седница треба да гласа со двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на Груевски.
На седницата не се гласаше за предлогот на Стаменковска-Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ за утврдување на повреди на Етичкиот кодекс од страна на пратеникот Павле Богоевски. Тој на минатата седница најави оставка на пратеничкиот мандат по компромитирачки разговор објавен во јавноста.
– Оставам на вас да одлучите што е морално и етички после јавното признавање на Павле Богоевски. СДСМ нека одлучи дали ќе ја стави точката на дневне ред или не, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателката на Комисијата Калевска – Ванчева рече дека не може да се гласа за предлогот за дополнување на дневниот ред бидејќи формално не е доставен. За дневниот ред гласаа само пратениците од владејачките партии, додека ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија воопшто.
Координаторот на пратеничката група на опозициската партија Никола Мицевски сметаше дека Деловникот за работа на Парламентот е прекршен бидејќи на минатата седница имало предлог за дополнување на дневниот ред со точката за Богоевски од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувал денеска да биде предложена смена на Богоевски, кој е претседател на Комисијата, и кој најави оставка. – Сакајќи да избегнете гласање за Богоевски постапивте така како што постапивте, рече тој.
За Горан Мисовски, пратеник и потпретседател на Собрание, лицемерни се коментарите на Мицевски, потенцирајќи дека Богоевски направил револуционерно нешто што досега не било случај во Парламентот и побара фокусот да биде ставен на гласањето за одземањето на мандатот на Груевски.
– Човекот (Груевски) има добиено политички азил, со моите, со вашите пари и со парите на граѓаните ја купува слободата во Унгарија, одговори Мисовски, на забелешките на неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ дека Груевски е пратеник кој има добиено политички азил од земја која е членка на ЕУ.
На претходната седницата претседателот на Комисијата Павле Богоевски најави оставка што ќе ја активира по гласањето во Парламентот за одземање на пратеничкиот маднат на Груевски. Во обраќањето пред членовите на Комисијата Богоевски меѓудургото нагласи дека тоа ќе биде негово последно гласање.