МЗШВ: Со измените на Законот за земјоделско земјиште до правилна распределба на државното земјиште

Со предлог-измените на Законот за земјоделско земјиште кои поминаа на вчерашната владина седница се очекува да се овозможи правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп и зголемување на обработливите површини.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска информираат дека со законските измени се предвидуваат низа можности што не биле регулирани со постоечкиот закон, а кои се од значење за земјоделците кои конкурираат на јавните огласи и повици.

– Со измените се овозможува на земјоделско земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, односно угостителски објекти и изградба на објекти за спортско рекреативни активности. На овој начин се поедноставува постапка за добивање на одобрение за градење на ваков тип на објекти, ќе се зголемат инвестициите во ваков тип на објекти од страна на земјоделските стопанства, ќе се зголеми искористеноста на ИПАРД програмата, и ќе се придонесе за развој на рурални средини преку рурален туризам, појаснуваат од ресорното Министерство.

Една од клучните измени се однесува на младите земјоделци, односно младите лица до 40 години кои ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина три години од склучувањето и стапувањето на сила на договорот, а се проширува и намената на земјоделското земјиште кое ќе може да се додели во закуп со можност и за поставување на пчелни семејства.

Се предлага и земјоделските стопанства да можат да аплицираат на огласи за закуп се до обезбедување на површини од 10 хектари, и покрај тоа што веќе имаат склучен договор за помали површини, а се предвидуваат и повеќе промени во однос на раскинување и склучување на договорите, пребивање со субвенции и друго. Така, на закупците кои закупнината ќе ја плаќаат со пребивање ќе им се остави период од една година во кој треба да достават решение за пребивање издадено од Платежната агенција. Се отвора и можност за склучување на договор за закуп со физичките и правните лица на кои поради неплатена закупнина им е раскинат договорот за закуп, а земјоделското земјиште е сеуште во нивно владение, под услов тие да достават доказ за платена закупнина со казнена камата за задоцнето плаќање за целиот период на важење на договорот. Со новите законски измени се создава и можност за воведување во владение на закупци кои имаат склучено договори за закуп, а кои и по истекот на една година, сеуште не се воведени во владение.

Се предвидува и нов рок за легализација на бесправно подигнати оранжерии, помошни објекти и објекти за примарна обработка на земјоделски производи до 31 јули 2020 година.

Предлог-измените на Законот за земјоделско земјиште предвидуваат и измени во делот на банкарските гаранции, бизнис плановите, промена на култури и друго.