Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Република Хрватска имаше средба со претседателот на Комисијата за европски прашања на хрватското Собрание, Домагој Иван Милошевиќ.
-Западниот Балкан има јасна европска перспектива која ќе значи долгорочна безбедност и стабилност на целиот регион, што е секако интерес не само на сами земјите Балканот, туку приоритет и на поширокиот регион, па и цела Европа, истакна Османи на средбата, посочувајќи на Северна Македонија како на стабилен партнер на Унијата во промоцијата и проширувањето на Европската идеја на Балканот.
Според Османи, поставивме репер во регионот за тоа како се градат компромиси, како ѝ се дава шанса на дипломатијата да нижи успеси, но и како се одржува силен фокус кон реформската агенда, согласно преземените обврски кон европските партнери. Тој на стартот на преговорите за членство во Унијата, гледа како на логичен редослед кој ќе преставува јасен сигнал и за останатите земји од регионот, за начинот на кој се остваруваат европските перспективи.
Соговорниците изразија задоволство од соработката на двата парламенти, преземајќи обврска за иницијатива да се интензивира оваа соработка, согласно пријателските односи меѓу двете земји.
Во рамките на работната посета на Хрватска, Османи претходно оствари средба и со Марија Пејчиновиќ-Буриќ, Заменик Претседателката на Владата на Република Хрватска и Министерка за надворешни работи и европски прашања каде главна тема беше поддршката на Република Хрватска за европските перспективи на Република Северна Македонија, а во пресрет на јунските самити на ЕУ.