Поповски во Сараево: Потребен е силен, независен и професионален јавен радиодифузен сервис

Министерот во Владата на Република Северна Македонија задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска учествуваше на конференција во Сараево на тема „Финансирањето на јавните медиумски сервиси на Западен Балкан“.

Говорејќи за моделот на финансирање на Националната радио телевизија, министерот Поповски нагласил дека јавниот сервис мора да биде независен од сите центри на моќ и да им служи само на интересите на граѓаните.

– Република Северна Македонија, како земја со големи шанси ова лето да ги отпочне преговорите со ЕУ, има обврска да изгради медиумски систем со кој се гарантира слободата на изразувањето, независноста на медиумите и медиумскиот плурализам, рекол Поповски, стои во соопштението од владината прес-служба.

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност посочил дека медиумските реформи уште од самиот старт биле и останале на врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија.

– Со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудио визулени медиумски услуги се очекува да се обезбеди професионален, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизулените медиумски услуги, истакнал Поповски.

На конференцијата на која биле презентирани моделите на финансирање на јавните медиумски сервиси во земјите од Западен Балкан присуствувале и претставници на националните јавни радиодифузни сервиси, претставници на националните медиумски регулатори, владини претставници и претставници на релевантни невладини организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија и Косово.