Универзитеската изборна комисија при Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола утврди двајца кандидати за избор на ректор на УКЛО-Битола и е подготвена за претстојното тајно гласање што ќе се одржи на 29 мај.
За највисоката академска функција на универзитетот конкурираат актуелниот ректор, проф. д-р Сашо Коруновски, и проф. д-р Тале Герамитчиоски, поранешен пратеник и заменик-министер за образование и наука.
Од УКЛО-Битола информираат дека ректор се избира од редот на редовните професори на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците, за време од три години, со право на уште еден избор.
Гласањето на сите единици на УКЛО ќе се спроведува на 29 мај од 12 до 14 часот, а право на глас за избор на ректор имаат 270 членови на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците на УКЛО.
За регуларно и законско спроведување на постапката за избор на ректор, Сенатот на УКЛО избра Универзитетска изборна комисија-УИК од седум члена и тројца заменици од редот на сенаторите, чиј претседател е проф. д-р Мирослав Андоновски од Економскиот факултет воПрилеп.
Целата документација за избор на ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола УИК ја објави на веб-страницата на Универзитетот и таа е јавно достапна, вклучително и гласачкото ливче за изборот на ректор на Битолскиот универзитет, со двајцата утврдени кандидати според азбучен ред на презимето на кандидатите.
Во 40-годишната историја на УКЛО-Битола, функцијата ректор ја вршеле Стеван Габер, Глигор Попоски, Даме Несторовски, Бранко Бунташески, Божидар Герамитчиоски, Тома Трајковски, Димко Кокароски, Софронија Миладиноски, Божидар Маслинков, Виолета Пановска-Бошкоска, Златко Жоглев и актуелниот ректор Сашо Коруновски