ПРЕД МОШТИТЕ НА ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО БАЗИЛИКАТА „СВ. КЛИМЕНТ РИМСКИ“ ВО РИМ

ПРЕД МОШТИТЕ НА ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО БАЗИЛИКАТА „СВ. КЛИМЕНТ РИМСКИ“ ВО РИМ

Митрополитот г. Кирил, како надлежен на Американско-канадско-австралиската епархија, односно како официјален претставник на МПЦ-ОА, заедно со митрополитот преспанско-битолски г. Климент, по повод смртта на кардиналот Беа, за првпат престојуваше во Ватикан во 1968 година. Од многуте посети на Ватикан, секако ќе оста не забележана посетата по повод „30 години автокефалност на Македонската православна црква” во 1997 година. Тогаш делегацијата ја предводеше поглаварот на МПЦ г.г. Михаил (поранешен прота Методи Гогов), заедно со митрополитот Кирил

Кај македонскиот народ отсекогаш било длабоко и искрено почитувањето на свети Кирил Солунски и неговиот брат свети Методиј. Нашите прадедовци и дедовци на нив им се обраќале молитвено за закрила и духовно раководство речиси секојдневно, а не само кога бил денот на нивниот празник.

Ги споменувале за да се потсетат какви светители стојат во нивното црковно и национално битие. Им се молеле за духовна поткрепа и светлина тогаш кога нивните непријатели биле жестоки и кога сопствените сили им биле при крајот, тогаш кога темнината била ужасна, а надежта на умирање. И тогаш кога ропството и гневот биле неподносливи светите браќа и нивните ученици им боскотеле во мракот и ја поткрепувале нивната вера во посветла и поубава иднина.

Така и екуменизмот во благородието на митрополитот г. Кирил е почувствуван дури и во Ватикан. Таму, овој македонски архијереј, како митрополит американско-канадско-австралиски, односно како официјален претставник на МПЦ-ОА, заедно со митрополитот преспанско-битолски г. Климент, по повод смртта на кардиналот Беа, за првпат престојуваше во 1968 година. Притоа, се востановени првите значајни контакти со Светата столица и со голем број институции на Католичката црква. Митрополитот г.Кирил во 1969 година ја предводеше првата црковна делегација на поклонение пред моштите и гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент Римски“, а по повод празникот на солунските браќа – свети Кирил и свети Методиј.

KKK2

Во таа пригода, митрополитот г. Кирил побарал од тогашниот поглавар на Католичката црква, папата Павле Шести, високата делегација на МПЦ да го посетат Секретаријатот за единство на христијаните во Ватикан. Барањето беше задоволено. Таму беше предаден елаборат за обновата на автокефалноста и беше разговарано за состојбите и прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква.

Двајцата македонски архијереи, г. Климент и г. Кирил, укажаа дека во Македонија не е формирана нова црква, туку дека е возобновена стародревната автокефална Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква, која, практично, постои уште од времето на свети Климент Охридски. Оваа Црква никогаш не била канонски укината, туку нејзиното дејствување било запрено во 1767 година со Ферман (Ираде) на иноверна власт, олицетворена во султанот на Отоманската Империја, Мустафа Трети. Митрополитот г. Кирил предводел делегации во света мисија во Рим повеќе години. Како духовен брат на овие посети му бил протојерејот ставрофор Методи Гогов (архиепискот Михаил).

Во Ватикан и тоа го знаеја и токму таму овој факт го прокоментираа како Божја промисла за своевидна реинкарнација на светите солунски браќа и тоа повторно во света мисија. А и обичните луѓе, верниците, не случајно толкупати митрополитот г. Кирил и прота Методи ги поистоветувале со светите солунски браќа.

KKK3
Молебен на гробот на свети Кирил

Во 1969 година Македонската православна црква, македонската држава и македонскиот народ достојно го одбележаа 1100-годишниот јубнлеј од смртта на сесловенскиот и рамноапостол свети Кирил Солунски, авторот и творецот на словенската азбука и темелоположителот на нашата писменост. Во таа година одлучено е Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква да испраќа своја поклоничка група во Рим заедно со државна делегација во базиликата посветена на свети Климент Римски каде што мирува телото на свети Кирил Солунски, Константин Филозоф, како што веќе го викаа во Магнаур, заради бистрината на умот и заради логичноста на мислењето.

На 14 февруари 1969 година се навршија 1.100 години од блажената смрт на свети Кирил Солунски. На тој ден во базиликата „Свети Петар” се отслужи концелебрација (сослужение) во слава на просветителското дело на свети Кирил Солунски. Во таа имлозантна катедрала посветена на првиот Христов апостол, кој, исто така, како и свети Кирил Солунски, дошол од Исток во илјадалетниот град, или градот на вечноста – Рим, за да го проповеда христијанското учење.

Свети Кирил Солунски дошол да го брани тоа учење, да докаже дека може да се проповеда и на јазикот на Словените, а не само на елински (грчки), латннски и еврејски, како што дотогаш се верувало. Дошол кај поглаварот на западните христијани пред единаесет векови и бил разбран, и оттогаш христијанската вера се проповеда и на словенски (старомакедонски) јазик.

На концелебрацијата што ја одржаа словенските бискупи, присуствуваше и делегација од Република Македонија и тоа: делегацијата на Македонската православна црква којашто ја сочинуваа митрополитите преспанско-битолски г. Климент, американско-канадско-австралиски г. Кирил и протоереј ставрофор г. Климе Малевски, во делегацијата на Извршниот совет на СР Македонија беа: д-р Иван Катарџиев и Владо Малески, а делегацијата на Македонската академија на науките и уметностите и на Универзитетот во Скопје, кој од 24 април 1969 година го носи името „Кирил и Методиј” а денес – „Свети Кирил и Методиј” ја сочинуваа академикот проф. д-р Харалампие Поленаковиќ и проф. Фрањо Бачиќ.

Светата литургија во црквата „Свети Петар” ја служеше светиот отец папата Павле VI, со учество на четириесетина кардинали, кои служеа на словачки јазик, а присуствуваа и бројни поклоници од Чехословачка. По литургијата папата Павле VI одржа слово за животот и делото на свети Кирил Солунски на италијански јазик. По таа боженствена богослужба, на којашто покрај поклониците присуствуваа и бројни туристи, папата Павле VI ја поздрави македонската делегацијаи во разговотот со претставниците од Македонија изрази благодарност за присуството на концелебрацијата.

Од многуте посети на Ватикан, секако ќе оста не забележана посетата по повод „30 години автокефалност на Македонската православна црква” во 1997 година. Тогаш делегацијата ја предводеше поглаварот на МПЦ г.г. Михаил (поранешен прота Методи Гогов), заедно со митрополитот Кирил и авторот на овие редови, Славе Катин, како потпретседател на Комисија за односи со верските заедници во РМ.

На средбата иʼ се даде посебно значење и време од страна на папата Јован II и неговите соработници, а доби голем публицитет и во средствата за јавно информирање. На оваа средба се случи речиси идентично како порано кога митрополитот г. Кирил бил во Светата столица. Имено, Кирил ја праша неговата светост папата Јован II на кој јазик да се зборува.

Тогаш, папата Јован Павле Втори, како стар познаник на митрополитот г.Кирил му одговори: „Јас на полски, вие ме разбирате, а вие на македонски, на јазикот на светите браќа Кирил и Методи”. Настана пријатна атмосфера кога папата Јован II одговори дека тој разбира македонски, бидејќи македонскиот е близок на полскиот јазик и дека пријателите најдобро се разбираат на своите јазици.

Во таа угодна прилика, на картата што беше на масата, папата Јован II започна да покажува и раскажува дека апостол Павле за првпат стапнал на стариот континент. Тогаш тој извика: „Во Македонија, во библиската земја, мои драги Македонци”. Вака, се обрати со овие зборови кон нас, Неговата светост на приемот во Ватикан. Митрополитот г. Кирил уште многупати престојуваше во Светата столица на поклонение и чествување пред гробот на свети Кирил Солунски.

KKK4

Папата Јован Втори со поглаварот на МПЦ г.г. Михаил и Славе Катин

Така, во 1999 година, Ватикан го потврди Кириловото мирољубие за екуменизам. Тогаш Полошко-кумановската епархија, која во својот состав има најекуменски мешан состав на верниците беше домаќин на значајната манифестација „Факелот на мирот”. Своевидниот екуменски спектакл се случи во легендарниот Лешочки манастир, каде што митрополитот г. Кирил ја пречека високата делегација на Светата столица, удостојувајќи ја со највисоки епархиски почести.

Притоа, обраќајќи им се на гостите од Ватикан и присутните верници и гости на молебен во манастирската црква „Свети Атанасиј“, митрополитот г. Кирил во својата свечена беседа истакна „…преку “Факелот на мирот” ни се пренесуваат вечните живоносни Божји пораки – на стариот европски континент да зацари толку потребниот мир меѓу народите. Врските на нашата Света црква со Ватикан и со вечниот град Рим се многу длабоки и древни. Божја волја беше свети Кирил својата душа да ја предаде на Бога во Рим. Таму прекина да ја ора заедничката длабока евангелиска бразда со својот брат свети Методиј. Во наше време, пак, Божја волја била ние, следбениците од неговиот род и пород, да продолжиме да ја ораме таа бразда”, изјави митрополитот г. Кирил.

Продолжува

slavk

Пишува: СЛАВЕ КАТИН