Соопштение за јавност во врска за иницијативата за предлог резолуција во ООН

Почитувани,

Во врска со иницијативата на Македонско меѓународно движење за човекови права од Торонто –ММДЧП за предлагање на Резолуција во ООН за признавање на Република Македонија под Уставното име и со тоа ставање на срамната привремена референца ПЈРМ надвор од употреба, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Македонската Алијанса дава поддршка на иницијативата на ММДЧП од Торонто, која е вистински одговор на сервилната надворешна политика со соседите, која стана заштитен знак за актуелната Влада на Република Македонија. Се додека официјална Атина опстојува на средновековните позиции дека Македонија и Македонскиот народ мора да си најдат нов идентитет ако сакаат влез во ЕУ и НАТО, тогаш наша најголема патриотска должност е да не ги изневериме оние 142 земји кои не признаа под Уставното име, меѓу кои САД, Русија и Кина, 3 од 5-те постојани членки на Советот на безбедност на ООН. Македонските власти не смеат повеќе да се понижуваат. Бадијала се потпиша Договорот за добрососедство, кога Бугарија по преземањето на претседателствувањето со ЕУ се определи да не нарекува ПЈРМ иако не има признаено под Уставното име. Ако самите не се почитуваме не може да очекуваме другите да водат сметка за нашите национални интереси.

Македонската Алијанса го реафирмира ставот дека треба итно да се прекинат преговорите за името пред да стане предоцна. Се додека не се испочитува до крај Времената Спогодба од 1995 година, која се уште е на сила и не се спроведе пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг Македонија нема што да преговара. Меѓународната заедница има обврска да ја натера Грција како осудена земја да не ги блокира нашите ЕУ и НАТО интеграции и со тоа да го спроведе меѓународното право бидејќи Македонија не може да верува дека било каков друг процес поврзан со преговорите за евентуално решеавање на спорот за името ќе биде заснован на постулатите на кои почиваат овие сојузи.

Ние не ја прифаќаме тезата извлечена од интервјуто на Зоран Заев за Грчка ТВ „Алфа“ дека Македонија нема црвени линии во преговорите за спорот за името. Македонскиот народ е поголем и од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ и од било која коалиција или партија. Не бара никако подарок, туку единствено почитување на универзалното право на самоопределување кое го ужива секоја друга членка на ООН. Бараме да биде свои на своето. Македонци во нашата Република Македонија.

Ниту една Влада, ниту една организација или групација во Татковината нема мандат за раздавање на Македонскиот национален идентитет. Македонскиот народ никогаш нема да се согласи со уцените на јужниот сосед и нивните ирационални барања да си најдеме нов идентитет.  Нашите политичари и политички елити треба да се борат да го зачуваат она за што со векови некој се борел, она за што е пролеана крв на нашите претци. Политичарите се платени од народот да ги штитат Македонските национални интереси, а не да заговараат велепредавство и да ветуваат нешто што самите знаат дека е невозможно да го спроведат.

Или најодговорните Македонски политички актери ќе изградат консензус за заштита на иднината на Татковината и Македонскиот народ или ќе ја преземат одговорноста да се соочат со вољата на народот да си го одбрани најсветото и историската оставштина. Македонците секогаш знаеле да го наградат исправното, но и да го казнат погрешното!

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *