Османи – Која: истражување на етничките предрасуди во судството

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која.

Османи и Која, соопшти денеска Секретаријатот за европски прашања, разговарале за начинот и методологијата за спроведување на проектот за статистичка и квалитативна анализа на судските одлуки, за утврдување на објективноста на пресудите соодветно на етничката припадност на обвинетите, со цел да се утврди објективноста и неселективноста во работата на судовите.

– Овој проект е особено значаен поради тоа што ќе има исклучителна успешност во утврдување на евентуалните наклонетости и субјективизам на судиите во нашето општество, и претставува основа за адресирање на прашањата за објективно судење, без предрасуди, истакнал вицепремиерот Османи на средбата, додавајќи дека проектот предвидува статистичка анализа, каде предмет на обработка би биле исти и слични случаи на обвиненија, и би се анализирале висините на пресудите и нивната статистичка поврзаност со етничката припадност на обвинетите.

На средбата биле отворени темите поврзани со областите на соработка во рамки на проектите финансирани од страна на ОБСЕ, во однос на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор за социјална кохезија, формирањето на меѓуетнички совети во општините, организирање јавни дебати кои промовираат општи меѓуетнички прашања и меѓуетничка кохезија, како и евалуација и ревизија на Стратегијата за интегрирано образование.

Како што стои во соопштението, вицепремиерот Османи и Амбасадорот Која разговарале и за успешно спроведените претседателски избори кои поминаа во фер, демократска и компетитивна атмосфера, како важен израз на политичката и демократската зрелост на државата. Османи изразил целосна подготвеност за прифаќање на сите забелешки и препораки од страна на ОБСЕ, обврзувајќи се за нивна навремена имплементација пред одржување на следните избори.