Северна Македонија исклучително добро напредува на патот кон Европската унија. Таа е позитивен пример на земја која направи голем чекор напред. Затоа се надевам дека ЕУ ќе го препознае тој напредок и ќе го вреднува со датум за преговори за членство, рече заменик министерот за надворешни работи на Полска Шимон Шинковски вел Сек, на денешната средба со новинарите.
Тој е оптимист, а неговата земја, како што вели, е голем поддржувач на политиката на проширување на Европската унија. Но, додава, тоа не е само нивна одлука и затоа ќе треба да се почека ЕУ да ја донесе во јуни.
-Навистина сум ипресиониран како земјата напредува во реформите изминатите години. Ние имаме големи проблеми во Западен Балкан, но кога бараме земја пример за успех, земја која успеа да направи реформи и голем чекор напред во евроинтеграцискиот процес тоа е Северна Македонија. И не е во прашање само Преспанскиот договор,туку и внатрешните реформи, кои укажуваат дека има можност балканскиот регион да се доближи до ЕУ, потенцира тој.
Смета дека секоја земја треба да биде оценувана засебно за напредокот. Мое мислење е, вели тој, дека секоја земја треба да биде третирана индивидуално и се надева дека така ќе биде оценуван прогресот.
Доколку Европската унија не даде датум за почеток на преговори, според заменик министерот на Полска, главна задача на неговата земја ќе биде да постојано да дава импулси и постојано да упатува на тоа дека политиката на проширување е нешто на што не треба да се заборави, ниту да се остава настрана.
-Важно е да се даде импулс на Регионот и да се даде вистинска поддршка, а тој да учествува во дискусиите за проширување во иднина. Иако преговорите не бидат отворени мислам дека политиката на проширување и натаму треба да се поддржува и тоа ќе биде главната задача на симитот за Западен Балкан во Познан, во рамки на Берлинскиот процес. За нас овој процес не е алтернатива на проширувањето на ЕУ, туку нешто што ги надополнува активностите на Комисијата, дава поддршка на реформите и дава придонес во напредокот на Западен балкан на европскиот пат, рече заменик-министерот за надворешни работи на Полска.
Според него, проширувањето со нови земји членки, дури би можело да биде решение на одредени проблеми што во моментов ги има Унијата. Затоа, додава, земјите кои како Полска се најголеми поддржувачи на зголемувањето и треба да го искористат Берлинскиот процес како импулс во натамошните чекори за проширување.
Полскиот амбасадор во Скопје, Војчех Тичињски, кој присуствуваше на средбата, вели дека земјава не смее да има став дека реформите ги прави заради Брисел, туку пред се за себе, оти така ќе обезбедат подобар и поквалитетен живот за своите граѓани. Многу е важно, рече во ЕУ да се влезе подготвен и тоа да се направи во пристапниот процес, кога потенцира и се случуваат најголемите промени.
Во рамки на Берлиснкиот процес активностите ќе бидат од сферата на економијата, поврзаноста на земјите од Западен балкан меѓусебе, како и со земјите членки на ЕУ, развојот и улогата на цивилното опшество, безбеноста и борбата против корупцијата и безбедноста. Ќе се работи на зајакнување на билатералните односи на двете земји, туризмот и екпономската соработка. Самитот во рамки на Берлинскиот процес ќе се задржи годинава во познан, Полска.