Училишни игри во Преспа меѓу ученици од општините Ресен, Пустец и Преспа

Ученици од Северна Македонија, Албанија и домаќинот Грција, викендов ќе учествуваат на „Првите училишни игри во Преспа“ по иницијатива на општина Преспа и средните училишта во Лемос, под покровителство на грчкото Министерство за образование, а со поддршка на програмата ИНТЕРЕГ „Балкан-Медитеран 2014-2020“ и програмата „ПолиПресла“, што ќе се одржат во селото Лемос, јави дописничката на МИА од Атина.

Учениците од училиштата од Ресен, Преспа (Грција) и Пустец (Албанија), поделени во четири категории според возраста, викендов ќе се натпреваруваат во кошарка и трчање.

Утре ќе се одржат натпревари во кошарка со мешани тимови од трите земји, додека пак во недела, учениците ќе се натпреваруваат во трчање на четири и два километри.

-Целта на игрите е да се поттикне меѓусебното разбирање и соработка помеѓу заедниците на жителите на Преспанскиот регион од трите земји, преку ширење на спортскиот дух на учениците, негување на спортската фер игра, а особено на меѓусебното запознавање и разбирање на децата од трите брегови на езерото. Очекуваниот резултат од успешната организација, а особено од воспоставувањето и понатамошниот развој на вакви настани во иднина е развивање пријателски односи меѓу граѓаните, а особено меѓу младите генерации од општините од Преспанскиот регион, односно општината Ресен (Северна Македонија ), општината Пустец (Албанија) и општина Преспа, соопштуваат од општина Преспа, во пресрет на училишните игри.

Додаваат дека трите општини веќе со децении соработуваат во различни области, а со организацијата на училишните игри, стремежот е да се забрза продлабочувањето на меѓусебните односи, „бидејќи оваа соработка носи придобивки и за трите страни“.

Натпреварите ќе ги следат министерот за образование на Грција, Костас Гавроглу и градоначалниците на општините Преспа, Ресен и Пустец.