Северна Македонија светилник на мирот, да продолжи да чекори по зацртаниот пат, главна порака од историската посета на папата

Охрабрување земјава да продолжи по патот по кој чекори со цел да претставува светилник на мирот, прифаќањето и плодна интеграција на култури, религии и народи, изрази вчера поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој престојуваше во еднодневна историска посета на нашата држава.

Северна Македонија беше 42. Земја, што ќе ја посетил папата Франциск од неговото устоличување како понтиф на Римокатоличката црква во 2013 година. Папата ден претходно беше во посета на Бугарија, а следната негова дестинација е Романија.

Понтифот за време на еднодневниот историски престој во Скопје, кој беше организиран на највисоко ниво на безбедност, со пораки до граѓаните, но и до државниот врв, со чии претставници имаше посебна средба во претседателската „Вила Водно“. Неговата посета се оценува како потврда на патот по кој чекори земјава, пред се интегрирањето во европските и евроатлантските структури, со оглед на тоа што папата освен верско има и големо политичко влијание во меѓународната заедница.

Папата Франциск, кој досега имал 29 апостолски патувања надвор од Ватикан кои опфаќаат земји каде што живеат римокатолици, но и држави во кои мнозинството го сочинуваат православни, протестански и муслимански верници, како и припадници на други религии вчера од Скопје порача дека рамнодушноста и клеветите треба да се заменат со чувствителност и надеж. Испрати порака и за надминување на стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг.

Понтифот одржа миса на плоштадот „Македонија“, на која присуствуваа околу 15 илјади граѓани – верници од земјава, но и странство, почесни гости, македонскиот државен врв, верски лидери, љубопитни граѓани, кој таму беа за да видат една светски позната личност. Граѓаните трпеливо минуваа низ безбедносните пунктови и го чекаа папата, кој на плоштадот пристигна со папамобилот.

Папата упати пораки за мир, соживот, за поголема љубов кон Бога и кон луѓето, а откако мисата заврши католичните верници имаа можност да се причестат.

Голем број католици од земјава, но и над илјада верници од Хрватска, околу 50 од Словенија, но католички верници од Босна и Херцеговина, Шпанија, Хондурас, Калифорнија ја слушаа мисата. Меѓу присутните имаше и голем број деца.  Граѓаните од земјава и верниците од странство изразија задоволство  од мисата што ја служеше поглаварот на Римокатоличката црква и сметаат дека се поминало во најдобар ред.

Поглаварот на Римокатоличката црква пред одржување на мисата имаше средба со државниот врв во Вилата Водно, каде се обрати и претседателот Ѓорге Иванов.

Папата во таа прилика порача дека Република Северна Македонија е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде се среќаваат голем број културни струи и претставува олицетворение на карактеристиките на регионот.

-Преку елегантните сведоштва на Византиското и Отоманското минато, возвишени ѕидини и величествени иконостаси во древните цркви, кои говорат за христијанското присуство што датира од апостолски времиња, Северна Македонија ја одразува длабочината и богатството на својата илјадагодишна култура, истакна папата Франциск.

„Оваа мешавина на култури и етнички и религиозни идентитети“, како што посочи, „доведе до мирен и траен соживот каде тие поединечни идентитети си најдоа израз и се развиваа без меѓусебно одбивање, доминација или дискриминација“.

Овие посебни карактеристики, како што посочи папата Франциск, се исто така од огромно значење за интеграцијата со европските народи. -Се надевам, додаде тој, дека оваа интеграција ќе се развива на начин што ќе биде придобивка за целиот регион на Западен Балкан, преку постојано почитување на различноста и основните права, додаде тој во обраќањето до државниот врв и дипломатскиот кор.

Историската посета на папата се случи на 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатските со Светиот престол, а Иванов во својот говор од „Вилата Водно“ истакна дека апостолска посета на понтифот е  полна со симболика.

Тој рече дека во ера на конзумеризам, корпоративизам и постхуманизам папата не потсетува дека постојат нешта што имаат вредност, а немаат цена, а тоа се светоста на човековиот живот, интегритетот на човечката личност, достоинството на различноста.

Иванов истакна дека го завршува својот мандат како претседател со тоа што го пречекува папата Франциск во земјава.

Поглаварот на Римокатоличката црква имаше и средби со верските лидери во земјава. На средбата со папата присуствуваа поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан и поглаварите на Исламската верска заедница Сулејман Ефенди Реџепи, на Евангелско-методистичката црква Михаил Цеков и на Еврејската заедница Берта Романо Николиќ. Претходно, папата со наведната глава се помоли пред споменикот на Мајка Тереза и положи цвеќе. Тој беше придружуван од четири чесни сестри, кои и припаѓаат на редот што го основа Мајка Тереза.

Понтифот се сретна и со ранлива категорија граѓани, а имаше и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква и со свештениците и нивните семејства.

Папата имаше посебна средба со премиерот Зоран Заев и неговото семејство. Заев осврнувајќи се на посетата на понтифот истакна дека со овој настан уште еднаш е потврдена вековната духовна врска меѓу папската држава и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и со чествувањето на нивното дело што секоја година заеднички се прославува во Рим и Ватикан.

Премиерот Заев на средбата порача дека оваа апостолска посета е инспирација за народот на Северна Македонија и го замоли папата Франциск да се помоли за доброто на граѓаните и на земјата.

За посетата на папата имаше голема медиумска заинтересираност. Околу 250 и над сто странски новинари ги следеа активностите на поглаварот на Римокатоличката црква во земјава.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо, Аргентинец со италијанско потекло е поглавар на Римокатоличката црква од 13 март 2013 година. Во редот на исусовците се приклучил во 1969 година. Тој е 266. поглавар на Римокатоличката црква. Го наследи Бенедикт Шеснаесетти, кој поднесе оставка. Тој е првиот верски поглавар на 1,2 милијарда католици кој доаѓа од Латинска Америка и прв папа кој не е од Европа, по речиси илјада години. Папата Франциск е првиот језуит на чело на Ватикан.

Токму приврзаноста на редот на језуитите ја објаснува неговата одлука како папа да го носи името Франциск, по светиот Франческо Асишки, светец заштитник на сиромашните.