Интервју со Зринка Ујевиќ, директорка за ЕУ во хрватското МНР

Зринка Ујевиќ, помошничка министерка за надворешни работи на Хрватска и директорка за европски прашања, во интервју за МИА говори за процесот на преговори со ЕУ на нејзината земја и за заложбите на претстојното хрватско претседателство со ЕУ за проширувањето.

Дали има шанси Македонија да добие датум за преговори во јуни?

Bо овој момент навистина е тешко да се каже, не би се осмелила да прогнозирам.Tреба прво да се видат документите кои ги подготвува Европската Комисија, и после ќе видиме каква ќе биде атмосферата во Советот, каква ќе биде позицијата на земјите членки. Она што можам да го кажам е дека Хрватска се залага за отворање преговори и за Северна Македонија и за Албанија и дека се надеваме дека тоа ќе се случи што поскоро.

Околу резервите на Франција, постојат шанси да се надминат?

Во овој момент на големи предизвици внатрешни, проширувањето не е во фокус но тоа не значи дека е мртво и не значи дека нема земји членки кои го поддржуваат и кои ќе инсистираат да помине, а меѓу нив е и Хрватска. Проширувањето во моментов е запоставено прашање поради други предизвици во ЕУ, имаме други проблеми кои доминираат во агендата, но тоа не значи дека е готово. И натаму ќе биде во нашиот фокус кога ние ќе претседаваме со ЕУ, ќе биде приоритет високо на агендата. Има низа земји членки кои го делат ова мислење, она што треба да се случи е расправа за тоа. А расправата ќе се случи откако Европската комисија ќе ги објави своите документи.

Амбицијата на македонската Влада е првото поглавје да се отвори за време на вашето претседателство, дали е тоа изводливо?

Сѐ ќе зависи од динамиката што ја спомнав. Тешко е да се оди два чекора напред кога не сме го направиле првиот. Првиот чекор е пред хрватското претседателство, а тоа е документот на Европската комисија, ќе има потоа нови институции, нови приоритети на стратешката агенда, ќе има низ чекори кои ќе го подготват теренот, затоа можеби е малку прерано да се говори за тоа, но она што можам да кажам е дека ние се залагаме за проширување, сметаме дека е важно за регионот и за самата Европа, и ќе продолжиме да се залагаме за преговори и за Северна Македонија и за Албанија, сметаме дека процесот на проширување не е готов.

Процесот значи не е мртов?

Не, и ние ќе го држиме жив и во фокус на европските институции, дефинитивно за време на нашето претседателство, но не само, секогаш тоа сме го правеле на сите состаноци го отвораме прашањето.

Она што е актуелно во Северна Македонија во моментов се подготовките од домашна страна за преговорите со ЕУ. Како последна земја членка на ЕУ можете ли да објасните како Хрватска го помина овој процес, како ги состави преговарачкиот тим, работните групи, како се подготвуваше администрацијата, итн.? Кој би бил вашиот совет до Северна Македонија?

Тоа е еден сложен и комплексен процес. Зошто? Затоа што покрива многу општествени сегменти, сите ресори, сите министерства, сите државни политики, многу е сеопфатен, опфаќа голем број луѓе. Ние кога ја носевме одлуката за формирањето на тимот за преговори сакавме да бидеме отворени и инклузивни во тој процес. Затоа нашата преговарачка структура имаше неколку нивоа. Имаше државна делегација на чие чело се разбира беше министерот за надворешни работи, а неговиот заменик беше главниот преговарач, тој имаше двајца заменици и под нив беа работните групи. Самиот преговарачки тим беше составен од главниот преговарач и 13 преговарачи од кои двајца беа заменици, имавме секретаријат на работните групи, и клучна улога во нашиот случај имаше нашата мисија во Брисел, а шефот на мисијата исто беше дел од преговарачката група. Имавме 35 работни групи и секоја работна група имаше свој претседавач и членови на групата. Членовите на групите ги имаше од три до триста, немаше една универзална форма колкава треба да биде таа работна група. Вкупно можам да ви кажам дека во целата оваа преговарачка структура имавме околу 1.500 членови. Тие 1.500 членови беа од државната администрација, во пошироките групи имаше членови на невладиниот сектор, на трговските друштва, работодавци, академска заедница, итн. Сакавме да ги прошириме тие работни групи за во воведниот дел, кога почна скринингот, што повеќе од луѓето кои би биле подоцна вклучени во преговорите имаат удел во скрининг процесот, кога се објаснува што е преговарачкиот процес, кои се обврските, што нѐ чека. И тоа го искористивме за голем дел од нашата преговарачка структура да има прилика тоа да го научи директно од Европската Комисија која го спроведуваше скринингот. Како што поминуваше времето, најголем акцент се ставаше на оние кои доаѓаа од државната администрација затоа што обврските подоцна се во најголем дел на нив. Сите други кои беа во работните групи беа повеќе поддршка и се користеа за запознавање на поширокиот дел од општеството што се тоа преговори. Меѓутоа во самите групи, се разбира, најголема улога имаат претставниците на министерствата, на кои во крајна линија е и спроведувањето на сето она што се ветува дека ќе се исполни и што мора да се исполни за време на преговорите, затоа што преговорите се сменети во однос на она тоа кога преговараа претходните. Кога Хрватска за прв пат преговараше не се затвораа веќе поглавја на основ на ветувања како претходно, туку врз бележењето напредок со конкретни резултати во примена. Тоа е клучната разлика меѓу начинот на преговарање порано и сега и е резултат на научените лекции од целиот процес на проширување.  Во нашиот случај, воведени се мерила кои бараат носење закони, акциски планови, некогаш и уставни измени како што беше кај нас. Поглавја можевме да затвориме кога тие мерила се исполнуваа, а за Европската комисија да каже дека се исполнети и земјите членки тоа да го прифатат, моравме тоа преку бројки да го покажеме, затоа ни беше важно да имаме таква структура што ќе може тоа да го направи, да ги обедини сите информации и да ја увери Европската комисија и земјите членки дека тие мерила во пракса се спроведени. Тоа е една задача која бара способност за анализа на податоци, претставување на сѐ она што државата треба да го направи во процесот.

Важно е да ја споменам улогата на нашиот парламент. Имавме национален комитет во парламентот кој го надгледуваше преговорите и даваше насоки за позициите кои им ги доставувавме. Не чело на тој комитет беше претставник на опозицијата и имаше многу широк состав и цело време преку него беше вклучена академската заедница, претставници на синдикатите, итн. Ние не можевме да пратиме во Брисел формално наши документи без да поминат преку тој комитет. Меѓутоа во Хрватска постоеше консензус меѓу политичките партии за нашиот ЕУ пат, така што тој консензус беше видлив и преку работата на тој комитет. Јас цело време работев во кабинетот на нашиот главен преговарач за време на преговорите и можам да кажам дека тоа беше многу добра соработка како преговарачки тим со тој национален комитет во парламентот.

Имавте ли конфликти со опозицијата поради домашна политика и дали опозицијата беше конструктивна во процесот?

Немавме конфликти. Имавме консензус дека Хрватска треба брзо да напредува во пристапните преговори, бевме свесни за промените во меѓународните односи, предизвиците, сето она што подоцна видовме дека се случи, свесни бевме дека времето треба за нас да работи, и за тоа покрај квалитетот ни беше страшно важно времето. Бевме свесни дека прозорот се затвора, ја видовме промената во расположението кон проширувањето и затоа имавме ветер во грб цело време од парламентот и од таа широка структура.

Како се селектираа преговарачите, тимот и работните групи, според кои критериуми?

Кај нас за преговарачката структура одлучи Владата. Дел од преговарачите на пример беа од универзитети, комори, асоцијации, и беа стручни за одредени подрачја. Ако администрацијата немаше никој стручен за одредено подрачје, ние се обраќавме таму каде што им a, на пример професори, итн. Ние кога го завршивме процесот не беа сите преговарачи од државната администрација. Важно беше да имаат стручно знаење кое ќе ни помогне во исполнување на целта. А тимовите се потврдени од страна на Владата, имавме посебна координација во Владата која се занимаваше со овие прашања и имаше свој живот, па преку таа координација се подготвуваше преговарачката структура, позициите и имаше водечка улога во целиот процес.

По кој критериум е избран главниот преговарач?

Главниот преговарач беше исто така резултат на консензус. Не можам да навлегувам во другите карактеристики освен што можам да кажам дека стануваше збор за лице стручно за надворешната политика и европските прашања и ги имаше тие два важни елементи зад себе и беше резултат на консензуално размислување, и како таков, првенствено стручњак, беше претходно амбасадор при ЕУ, вклучително и за време на преговорите за спогодбата за стабилизација и асоцијација, човек со големо политичко искуство, по сите стручни квалификации беше јасно дека може да ја работи таа работа.

Во Македонија администрацијата беше со години многу партизирана, дали Хрватска имаше сличен предизвик кога ги започнуваше преговорите и на кој начин најдобро се професионализира администрацијата?

Ние во тимот имавме луѓе од двете страни на политичкиот спектар, имавме луѓе од сите политички опции, затоа ми е тешко да зборувам за такви поделби затоа што кај нас беше присутен тој општествен консензус и потоа тоа се рефлектира и внатре во преговарачката структура.

Која е улогата на министерството за финансии во овој процес?

Улогата на Министерството за финансии се искристализира преку самиот тек на преговорите. Централна улога се разбира имаше Министерството за надворешни работи каде се наоѓаше секретаријатот на преговарачкиот тим. Тој секретаријат имаше лице кое го сервисираше еден од преговарачите, тоа е важно затоа што некои од преговарачите беа од академската заедница, што значи дека мораа да се потпрат на некој од државната управа за обавување на задачите. Ние имавме многу јак преговарач, кој седеше во Владата без да биде член на Владата и без да биде член на партија. Преговарач на кој му се отвори Владата, кој го претставуваше овој консензус за кој ви зборував. Воедно тој беше и во Брисел. Еден дел од неделата го поминуваше во Загреб на владина седница, а другиот дел во дијалог со институциите во Брисел, сѐ во прилог на искористување на времето. Сфативме дека времето ни е толку важно што мораме да бидеме брзи, така тој го обединуваше тоа што го работевме во Загреб и тоа што го работевме во Брисел. Состаноците главно беа во петок, имавме состаноци на Комисијата и нашиот тим да видиме до каде сме, како напред, што доаѓа. Е сега, зошто е важно Министерството за финансии? Затоа што во секој процес има задачи кои се поврзани за некакви акциски планови. Во некое подрачје морате да наведете што ќе менувате, дали тоа значи менување на закон, кои луѓе тоа ќе го работат, односно кои се административните капацитети за спроведување на тој акциски план и кои се финансиските средства. Тоа ви е основна формула. Нешто ветуваш, мораш да покажеш како ќе го спроведеш правно, со кои луѓе административно и со кои финансии и само така можеш да ја увериш другата страна дека ќе спроведеш. Затоа што ако немаш ни финансиски средства, ни луѓе, тоа ќе биде на хартија, нема да го спроведеш. Тоа е суштината на акцискиот план. Преку таа формула сфативме што е суштината. Затоа улогата на Министерството за финансии беше таква да ни помага во процената на финансиските импликации и беа вклучени во сите тие работи. Тоа мислам дека е многу важно. Се разбира имаат своја улога и во своите поглавја, имате низа поглавја кои се однесуваат на финансиите, но оваа хоризонтална улога е важна.

Дали за време на преговарачкиот процес веќе граѓаните почувствуваа промени на подобро?

Вистинските промени доаѓаат после одреден број години. И сега после шест години членство во ЕУ, многу наши граѓани ќе ви кажат дека допрва треба да ги видат предностите на членство, тие се тука но не се секогаш видливи. Меѓутоа што се однесува до процесот на преговори, можам да кажам дека почувствувавме промени, посебно во однос на клучните поглавја 23 и 24, реформата на правосудството, измени на уставот, итн. Имавме мерила за правосудството, менувавме закони кои го обезбедуваа тоа, можеме да кажеме дека денес имаме реформирано и влеговме со реформирано судство. Можеме да кажеме дека токму благодарение на тие мерила кои од нас тоа го бараа, добивме зелено светло кога го затваравме поглавјето 23, со што се потврди дека Хрватска во ЕУ влегува со реформирано судство, способно да се носи со предизвиците од членството. Во крајна линија тоа беше резултат и на тој нов начин на преговарање кој тоа го бара од сите кандидати. Без тоа нема да може да има натамошно проширување. Преговорите носат и атмосфера, одреден оптимизам, пат кон оптимизам кој им вели на граѓаните дека одиме кон нешто подобро.

Колку е важно, освен самите задачи, лобирањето во земјите членки на ЕУ за време на преговарачкиот процес?

Одлуките се носат во земјите членки. Европската комисија е таа која го подготвува целиот процес за земјите членки. Комисијата секогаш ни го велеше тоа, и сега можам да потврдам, дека Комисија е најдобриот пријател на земјите кандидати за време на преговорите. Таа мора биде препознаена во таа улога, затоа што таа е таа која ги турка преговорите, некогаш ви се чини строга, но таа многу добро го знае расположението во Советот (земјите членки, нз), а Советот е тој што ги носи одлуките, како што знаеме преговорите се водат врз темелот на консензусот. Затоа е многу важно сите напори да ги препознае Комисијата, која е на некој начин адвокат во Советот. Важно е да се знае дека дијалогот со земјите членки е многу важен и само може да помогне во разбирањето на динамиката на процесот. Преговорите се политички процес кој бара многу техника. Грешка е да се замени само со технички процес. Има многу техника но првенствено е политички процес. Секое мерило бара консензус. Нема напредок во ниедно поглавје посебно сега кога се научени сите лекции, и новата реалност во ЕУ која ги наметна тие лекции, мораме да бидеме свесни дека тој процес има низа политички барања, и е во основа политички. Долг е, технички тежок, но е политички првенствено, а политика лежи пред сѐ во земјите членки. Затоа е апсолутно важно лобирањето во земјите членки затоа што тие се дел од меѓувладините конференции на кои се носат сите одлуки. Целиот пристапен процес е меѓувладин. И тоа е една клучна порака, колку е процесот во рацете на земјите членки, со помошта на Комисијата. Не ја потценувам улогата на Комисијата, таа е најдобар пријател.

Кои поглавја беа најтешки?

Зависи по кој критериум. Ако го земам како критериум кои се последни затворени, ќе ви дадам две. Едното е 23, затоа што во него влегува целиот сет политички критериуми за кои зборувавме. А во нашиот случај релативно тешко беше поглавјето конкуренција. Затоа што беше обемно. Некои поглавја беа финансиски тешки, некои административно, на пример 24 во однос на заштита на границите и внатрешните работи. Моравме да ги опремиме границите, да ги подготвиме полициските службеници, да изградиме нови гранични премини, така што и тоа беше доста тешко. Тие три би рекла… Ниедно не е лесно, први ги отворивме и затворивме поглавјата за образование, наука у култура затоа што таму има најмалку  acquis (аки – европско законодавство, нз), но најтешки со оние кои се правно обемни, кои бараат големи финансиски средства и оние каде лежи политика.