Папата на средба со свештениците и нивните семејства

 Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, утре ќе престојува во посета на државава, во рамки на која ќе одржи литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје, ќе има средба со државниот врв, со лидерите на верските заедници, претставници на цивилното општество и на дипломатскиот кор, како екуменска и меѓурелигиска средба со младите.

Меѓу закажаните активности е и средбата на папата во Катедралата „Пресвето срце Исусово“ со свештениците, нивните семејства и богопосветените.

Во катедралата ќе можат да влезат само богопосветените лица – бискупи, свештеници (и нивните семејства), монаси, монахињи и богослови кои ќе бидат пријавени на настанот, со приложување на влезниците што ги добиле при самата пријава. Сите пријавени учесници за оваа средба, во катедралата треба да пристигнат најдоцна до 15:30 часот.