Спасовски во Виена: Правовремените информации и нивна размена клучни за справување со мигрански кризи

Водејќи се од искуствата од големата мигрантска криза, како научена лекција  можеме да заклучиме дека размената на информации и координација меѓу нашите инститиции е од особена важност…И тоа на сите нивоа, независно дали се работи за земјите од ЕУ, или за земјите од Западен Балкан долж мигрантските рути. Правовремената информација е круцијална за правилно распоредување на силите, планирање и преземање соодветни мерки, рече, меѓу другото, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето кусо воведно обраќање во својство на копретседавач на министерската конференција „Миграциските предизвици долж Источно-Медитеранската/Западно балканска рута“ што се одржува денеска во Виена.

На конференцијата, која е во организација на австриското МВР, учествуваа министрите за внатрешни работи од повеќе земји од ЕУ – Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Германија, Грција, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Швајцарија, и земјата домаќин – Австрија, како и министрите за внатрешни работи од земјите на западниот Балкан.

Министерот Спасовски, како што соопшти МВР, говорејќи во рамки на првата панел дискусија на конференцијата, посветена на граничното управување од аспект на превентивните стратегии и механизми потенцирал и дека ни е неопходно не само градење туку и постојано надградување на заеднички превентивен концепт кој што на сегментот на гранично управување ќе му даде дополнителен инпут и квалитет во работењето.

-Тие превентивни механизми мора да подразбираат конкретна соработка во делот на прибирањето информации, во меѓу институционалната комуникација, и во оперативното постапување. Само така можеме да квалитативно и реално, пред се, да ги унапредиме нашите потенцијали за справување можните кризни состојби и опасностите што тие ги носат, посочил Спасовски.

Според него, еден од крупните предизвици е и појавата на организираниот криминал во заветрината од миграциските движења, особено во делот на илегалните миграции, но и недозволената трговија, како и исклучително опасната закана од инфлитрирање на екстремистички и терористички групации во мигрантските движења ширум територијата на Европа. Ова, како што рекол, повеќе од јасно ни покажува дека станува збор за исклучително сложен и повеќеслоен проблем за чие ефикасно сузбивање е неопходен  ефикасен систем на гранично управување.

Според предвидената агенда на конференцијата министрите во двете панел сесии ќе разговарат околу повеќе прашања од суштинско значење за превенирање од евентуална миграциска криза, односно миграциските предизвици, граничното управување, меѓународната соработка и превенција од илегалната миграција, особено во контекст на пролиферација на ескремистичко-терористички групи…

Предвидено е министерот Спасовски да има свое излагања и во втората панел дискусии, а министерската конференција ќе финишира со потпишување на заедничка Декларација за идните планови за дејствување што ќе биде презентирана на заедничка прес конференција.