Општина Охрид заедно со Основното училиште „Христо Узунов“ со низа свечености ја одбележуваат 114-годишнината од херојската смрт на војводата Христо Узунов.
Според предвидената програма вчера беше одржан историски час и положено цвеќе пред спомен – обележјето на Узунов поставено во дворот на основното училиште што го носи неговото име. Вечерта во изложбениот салон при Центарот за култура „Григор Прличев” се одржа изложба на ликовни творби од учениците од „Христо Узунов”, а настанот беше заокружен со свеченоста по повод патрониот празник на училиштето.
Делегација на Општина Охрид утрово положи цвеќе пред спомен – обележјето на Узунов во Градскиот парк, каде беше изведена песната за Христо Узунов од страна на училишниот хор, а се читаше и познатото писмо на војводата до неговата мајка.
Одбележувањето на годишнината од смртта на Христо Узунов ќе биде заокружена со панихида на неговиот гроб во кичевското село Цер.
Христо Узунов е познат охридски револуционер, раководител, односно организатор на ТМОРО во Охридско и Струшко. Прогонуван од турската власт, за неговата револуционерна дејност двапати бил затворан во Битола. Тој е меѓу оние војводи кои бил против прераното дигање на Илинденското востание проради недоволната организираност и слабата вооруженост. Благодарение не неговите прецизни записи и водењето евиденција денеска се знаат точно сите 478 лица од охридско-струшкиот крај кои загинале во востанието.
На 24 април 1905 година Узунов бил во Кичевско, каде заедно со 14 соработници и револуционери биле опколени од турски аскер. За да не паднат живи во рацете на Османлиите, тој и негови 13 соборци сами си го одзеле животот.