Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола со повеќе активности и свечености го одбележува 25 април, денот кога пред 40 години беше основан.
-Четири децении Универзитет во Битола се доволен период за да се анализира што се случувало во него како жив организам кој се раѓа, расне, зрее но несмее да старее, истакна ректорот Сашо Коруновски на прес-конференција во Битола и ги најави универзитетските свечености под наслов „УКЛО- нашите 40 години“.
– Универзитетот секогаш е свртен кон иднината, институција во која образованието се пренесува од генерација во генерација. Иднината не е лесна, нити во 1979 година, нити сега во оваа 2019 година, но тука сме за младите. Во чест на големиот јубилеј организиравме повеќе манифестации, централната свеченост ќе биде на 25 април со свечена академија, но активности ќе има и наредниот месец, односно на 9 мај кога во Битола ќе се одржи собир на сите македонски универзитети и кога ќе го славиме Денот на Европа, посочи Коруновски.
На средбата со новинарите во овој град ректорот Коруновски најави дека наскоро седиштето на Правен факултет-Кичево ќе биде дислоцирано во Битола.
-Правниот факултет со седиште во Кичево е на чекор до враќање во Битола и тоа е логично затоа што Правниот факултет е основач на Универзитетот во Битола. Насекаде во светот во Правните факултети се и седиштата на Ректоратите, што значи и овој факултет ќе биде во Битола, во градот со традиција, со дипломатија…Последната фаза во македонскиот парламент е во тек и очекуваме во јуни да заврши цел административен процес, истакна ректорот Коруновски.
Од Ректоратот на УКЛО-Битола информираа дека со одлука на Сенатот на Универизитетот формирана е Универзитетска изборна комисија која по завршувањето на претседателските избори во Република Северна Македонија ќе распише редовни избори за Ректор на УКЛО на кои според новиот Закон за високо образование, првиот човек на Универзитетот се избира на непосредни и тајни избори.