Грчките медиуми за првиот круг од претседателските избори

Грчките медиуми во текстовите посветени на првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија, акцентот го ставаат на на малата излезеност и малата разлика меѓу Пендаровски и Силјановска Давкова, јави дописничката на МИА од Атина.

„Прв, но на граница Стево Пендаровски за претседател на државата“; „Северна Македонија: На втор круг изборите за претседател, победник неизлезеноста“; „Изборен трилер во Скопје –речиси изедначени Пендаровски и Силјановска“; „Северна Македонија: Речиси со изедначен број гласови за Пендаровски и Силјановска“; „Претседателски избори во Скопје – неизлезеноста и позицијата на Албанците клучевите за вториот круг“; „Со рекордно мала излезеност се затворија гласачките места во Скопје“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашниот прв круг од претседателските избори.

-Двајцата главни противници, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска, во првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија, што се одржаа вечера, се речиси изедначени, пишува на почетокот од текстот грчката новинска агенција АНА-МПА, текст кој го презедоа голем дел од другите медиуми. Во продолжение, пренесени се резултатите од ДИК, но и изјавите и ставовите на двајцата кандидати кои влегоа во вториот круг.

-Во вториот круг од изборите, на 5 мај ќе се разјасни сликата за тоа кој ќе биде новиот претседател на Северна Македонија, бидејќи на вчерашното гласање речиси со изедначен број гласови беа „избраникот“ на Зоран Заев,Стево Пендаровски и Гордана Силјановска од партијата ВМРО-ДПМНЕ, пишува информативниот портал „Ин“, а во продолжение додава дека главната улога на вчерашните избори ја имаше неизлезеноста и коментира дека „голем дел од гласачите од сите партии им го свртеа грбот на кандидатите на претседателските избори, испраќајќи така нивни пораки“.

На почетокот на текстот на сајтот на весникот „Катимерини“, коментарот е дека Пендаровски победил во првиот круг, но со мала разлика.

-Неизлезеноста се движеше како и на референдумот во септември за Договорот од Преспа, многу мала, со оглед на тоа дека во изборниот процес учествуваа 42% од изборното тело, процент што е историски низок за претседателски избори, пишува „Катимерини“.

-Големата неизлезеност и речиси изедначениот број гласови на двајцата главни противници, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска, беа главните карактеристики на првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија, што се одржаа во неделата, пишува „Нафтемборики“.

-Малата предност на „избраникот“ на Зоран Заев, Стево Пендаровски и рекордната неизлезеност и покрај критичноста на изборите, беа главните карактеристики на првиот круг на претседателските избори во Скопје, пишува онлајн изданието на весникот „Прото тема“.

Од рано утрово, резултатите од изборите во поголемиот број од онлајн изданијата на медиумите се прва и главна тема, беа споменати во утринските информативни емисии на грчките телевизии, а се најдоа и на насловните страници на денешните весници, јави дописничката на МИА од Атина.

Во весникот „Етнос“, текстот е под наслов „Претседателски избори –трилер во Скопје“,„Ефимерида тон синдактон“, пишува „Северна Македонија: Мала излезност на претседателските избори“ , а насловот во весникот „Елефтерос типос“ е „Двојна изборна порака за Заев – неизлезеноста 60% и битката трилер со кандидатката од ВМРО“.

Грчките медиуми, и вчера известуваа за претседателските избори, како во вестите на телевизиите, така и во онлајн изданијата.