На урнатините на културата на Лепенски Вир, како и по должината на Средно Подунавје, Морава, Вардар, Бистрица, Пинеј и Егеј, од средината на VI век пред Христа, никнуваат првите населби направени од земја, со производство на разни предмети од печена земја наместо мазен камен. Оваа нова култура во археологијата е означена како неолитска култура или култура на младото камено време. Освен Балканот, таа ги опфаќа уште и Унгарија, Романија и Молдавија
Во Србија е позната како старчевачка култура, во Македонија породинска, во Бугарија како каранова, а во Грција како прото-сескло култура. Заради поедноставување во терминологијата, оваа култура носи единствен назив – „Неолитска култура на Централниот Балкан и Егејот“.
Носителите на оваа култура не се познати со сигурност. Постојат две веројатности. Првата е дека оваа култура е поттикнување од Анадолија и Блискиот Исток, па преку егејскиот брег понатаму, по должината на големите реки, сé до Дунав, Централен и Западен Балкан, во ритамот на исчезнувањето на ледените зони. Следната е дека земјоделците од Средно Подунавје се непосредни потомци на локалната популација и дека немало прилив на нови жители.
Понатаму, дека првите селски населби се развиле на иста локација како и населбите на културата Лепенски Вир, а дека покрај одгледување стока и обработка на земјата жителите негувале лов и риболов. Атлантската и црноморската клима биле тие кои им овозможиле на локалните заедници да пристапат кон произведувачка економија и да ја зацврстат новата култура. (Срејовиќ, Бабовиќ, 1983 г., 62)
Во старчевачката култура, наречена по населбата Старчево покрај Бел-град, спаѓаат уште наодите во Течиќ покрај Крагуевац, Рудник кај Призрен, Падина кај Ѓердап, Гладници кај Приштина, Обрез на Сава и др.
Во Македонија е културата Породин, кај Битола, Анза и Вршник покрај Штип, Зелениково кај Скопје, Nea Nikomedea кај Солун, Sitagroi кај Драма и други.
Во Босна е Oбре I култура кај Какан, Какан кај Високо, Горна Тузла и др.
Во Бугарија е Караново I и II, култура кај Нова Загора, Бањата кај Пазарџика и др.
Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови.
Археолошките наоди на неолитските култури на Балканот откриваат многу богато творештво на првите земјоделски заедници во траење од околу 1500 год. Покрај алатките поврзани со земјоделството, установено е изобилство од керамични предмети, рогови, коски и камења. Повеќето од нив и понатаму симболизираат вода и бујност на животот во плодните рамници.
Керамичките садови се со разни облици, големини и стилови, со помалку или повеќе истакнат средишен дел, со или без рачки, претежно со орнаменти. Тие имале различни намени, од чување на храната до нејзино подготвување и готвење.
Оружја и орудија се: бодежи, ножеви, секири, пили, бричеви од брусен или мазни камења, а за одбрана и лов, како и од културно-историски намени, се користеле лак и стрела, а подоцна и копје. Првите постојани населби „Tell“ колиби од гранки и праќе, обложени со кал или тули од кал. Со создавање на постојаните населби, заедниците на неолитскиот период стануваа посвесни за своите роднински врски. Тие не живееле во орди, туку во матријархатски заедници засновани на крвно сродство. Доказ се култовите на женските божества од културите на Ѓердап, Рудник, Азмок, Nea Nikomedia, Sesklo, Sparta, Amorgos и др.
Преодот од неолитскиот во енеолитскиот период (5500-3100 г. пред Христа) се означува во археологијата како младо камено или бакарно-халколитски период. На основа на доминантноста на некои археолошки наоди е извршена регионализација на Балканот и соседните простори во девет културни сфери (Gimbutas, 1982 г., 22). На прво место е културата Винча од Централен Балкан, па следат културите: Димини (5630-445 г. пред Христа за Јужен Балкан и Егеј), Караново V и VI (5840-4800 г. пред Христа за Источен Балкан), Бутмир за Босна, Данило-Хвар комплекс за Јадран, Тиса, Петреши итн.
Културата Винча го добила своето име по локалитетот Винча на Дунав, околу 14 км југоисточно од Белград. Истражувач на оваа култура, и еден од основачите на археологијата во Србија, е академик проф. Милоје Васиќ (1869-1956 г.). Ископувањата траеле од 1906-1934 год., на длабочина од 7-12 м. Утврдено е многу богато наоѓалиште со околу 2000 предмети. Најдени се станбени објекти 2-3 соби во урбан распоред. Слични објекти од
Во Халколитска култура на Стара Европа (Gimbutas, 1982) се утврдени културите на Бањица, покрај Белград, како и на локалитети по должината на Морава и Сава, Селевац, Медведњак, Дреновац, Црна Бера, Градец, Плочник, Павловец, Чаршија и др. Следат наоѓалишта покрај Вардар во Македонија: Вршник, Анза и слично.
За културата на Винча од посебно значење се знаковите и натписите врежани во керамика. Тоа се S и C спирали како линеарни графики.
Се сметало дека културата на Винча e припаша на средниот енеолит, т.е. 2500 г. пред Христа и дека потекнува од Егејскиот Басен и Анадолија, а не од нордиските земји. Меѓутоа, во педесеттите години, со примена на радиокарбонските методи, културата на Винча е датирана околу 6190-4800 г. пред Христа. Покрај тоа, таа е автохтона и оригинална.
Периодот меѓу неолитот и бронзениот период е наречен енеолит, од зборовите eneos-глув или нем и lithos-камен. Процесот на енеолизација на централните и западните простори на Балканот бил постепен, во почетокот автохтон и независен, но подоцна под примарно влијание на силните културни центри: Лепенска култура, Винча, Карпатскиот и Егејскиот Басен, како и севернопонтските области.
Оваа фаза траела околу еден милениум. За тоа време, културните групи на централниот и западниот дел од Балканот се интегрирале и формирале нови културни области. Една од нив е и Вучидолскиот културен комплекс.
Вучидолскиот локалитет покрај Вуковар на Дунав најубаво е обработен во современата публикација на академикот Тасиќ (1995 г.). Енеолитскиот период од 3100 –1900 г. пред Христа тој го дели на ран, среден и подоцнежен, со по 400 г. секој. Студијата опфаќа околу 50 локалитети. Во енеолошката култура на Балканот, рударството и раната металургија достигнуваат потполна афирмација и прават пресвртница за идните фази, кога најпрво бронзата, а потоа железото, ја покажуваат својата надмоќ при обработка на оружје, накит, орудија, над претходните култури од камен, коски и бакар.
Базата на оваа култура ја сочинуваат најстарите рудници на Балканот кај Мајданпек, каде се развила металургијата на Подунавскиот Басен, од една, и културата на Егејскиот Басен, од друга страна. Со време, енеолитската култура се ширела на југот на Балканот, по Моравско-Вардарската Долина, сé до Пелагонија, Македонија, Тракија, Јадран и Елада.
На бреговите на Егеј енеолитската култура се развива како Минојска (рана, средна и доцна), Кикладска, Микенска и општа Еладска култура (рана, 2500-7900 г., средна од 1900-1550 г. и доцна од 1500-1200 г. пред Христа). Енеолитската култура во Мала Азија е позната по Троја I (2700 г. пред Христа) и Троја II (2500-2300 г. пред Христа).
Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН