Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со високиот комесар за малцински прашања на ОБСЕ Ламберто Заниер, кој престојува во посета на нашата држава.
Џафери истакнал дека улогата на ОБСЕ е високо ценета во нашата држава во насока на развој на демократските процеси и на унапредување на меѓуетничките односи.
Заниер бил запознат со актуелната застапеност на претставниците од сите етнички заедници во парламентарниот состав, како и со законското решение со кое заедниците кои не се застапени во Собранието, имаат свој претставник во Комитетот за меѓуетнички односи, на предлог на Омбудсманот. Што се однесува до определбите од Охридскиот рамковен договор, Џафери информирал дека во март лани е донесен Законот за употреба на јазиците согласно кој е основана Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, а се очекува и основање на Инспекторат за употреба на јазикот. Претседателот на Собранието изразил задоволство и од Резолуцијата за промени и подобрување на положбата на Ромите која веќе е во процедура.
Прес-службата на Собранието информираше дека Заниер високо ја оценил улогата на Собранието во ратификацијата на Договорот со Грција и ЕУ и НАТО перспективите и му честитал на Џафери за неговиот личен ангажман во постигнувањето на овие цели.
– Неговиот прв впечаток по пристигнувањето во Република Северна Македонија е дека има повисок степен на стабилност а по остварените средби со директорот на Агенцијата за примена на јазикот и Министерот за образование, констатира дека тие институции имаат стратешка улога за зајакнување на процесот на социјална интеграција. Неговите совети се да се гради одржлива политика со балансиран пристап. Имајќи предвид дека ОБСЕ работи во многу земји на овие прашања, имаат и искуство и практики кои можат да ги споделат и со нас. Комесарот Заниер се интересираше и за новото Министерство за политички систем и за тоа дали тоа ќе повлече нова законска регулатива на што претседателот Џафери даде широко образложение за тоа како дојде до основање на оваа нова институција и дека новина за разлика од претходните две институции кои се редефинираат во ова тело е всушност извршната надлежност, се наведува во соопштението од собраниската прес- служба.
Соговорниците разговарале и за претстојните претседателски избори за кои искажале уверување дека ќе бидат фер и демократски.