Полскиот парламент денеска ќе го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
Полскиот амбасадор во земјава Војциех Тицињски ова го најави вчера, на дипломатската дискусија со амбасадорите на земјите членки на НАТО на тема „Патот до Брисел“, на која говореа и премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
– Ова не е коинциденција, зошто ова се случува токму во овие денови, и сакавме да го поканиме претседателот на Собранието Талат Џафери да присуствува на овој настан, но за жал тој е во странство во момент, но на гласањето ќе присуствува заменик-преседателот Весел Мемеди, рече Тицињски.
Според него, пристапувањето во НАТО не е лесен, туку комплексен процес, мора да се носат тешки одлуки, и од политички аспект, но најважно е тоа што ќе го добиеме како финален резултат.
– Ние сме 20 години членки на НАТО и навистина вредат сите ваши напори, додаде вчера на дипломатската дискусија полскиот амбасадор во земјава.
Полска ќе биде десетата земја што го ратификува Протоколот. Прва тоа го стори Грција, а по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Романија, Литванија и Данска.
Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.