Џафери-Акар: Турција е силен поддржувач на евроатланското интегрирање на нашата држава

Република Северна Македонија и Република Турција имаат долга и успешна соработка во областа на одбраната, а меѓусебната доверба се отсликува и во заедничкото учество на припадниците на армиите од двете земји во мировните мисии. Наши војници во моментов се дел од турскиот контингент во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Ова на денешната средба го истакна претседателот на Парламентот Талат Џафери кој се сретна со Хулуси Акар, министер за национална одбрана на Република Турција, кој престојува во официјална посета на нашата држава.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствале и Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност и Илија Николовски, заменик на претседателот на Комисијата.

Џафери истакнал дека Турција во континуитет ја подржува нашата држава. Оценил дека одржувањето интензивна комуникација меѓу двете земји на високо ниво, силно придонесува за унапредување на севкупните односи.

Претседателот на Собранието го информирал гостинот за реформската агенда и за унапредувањето на добрососедските односи преку надминување на разликите и отворените прашања со соседите во изминатите две години. Тој се осврнал и на потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО, укажувајќи дека со оглед на брзината со која се одвива процесот на ратификација на Протоколот во земјите членки на Алијансата, со надеж дека до Самитот на НАТО во Лондон, земјава ќе стане 30-та членка на НАТО. Во контекст на интеграцијата во ЕУ, како што се наведува, очекуваме во јуни 2019 година да биде определен датум за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Унијата.

Џафери се осврнал и на плодната парламентарната соработка, како на билатерално ниво, меѓу Парламентите на Република Северна Македонија и Република Турција, така и на мултилатерално ниво, во рамки на меѓународните парламентарни собранија, а особено во Парламентарното собрание на НАТО.

Министерот Акар истакнал дека нашата држава е многу значајна за Република Турција и изразил поддршка на реформската агенда на земјата, позитивно вреднувајќи го унапредувањето на добрососедските односи.

– Турција останува силен поддржувач на евроатланското и европското интегрирање на Република Северна Македонија и е подготвена, како и досега, да ја подржи земјава на тој план, посочил на средбата Акар.

Тој нагласил дека на сите средби била подвлечена заложбата за понатамошно унапредување на соработка меѓу двете земји, пред сè на полето на одбраната. Министерот Акар подвлекол дека Турција дава логистичка поддршка за опремување, едукација и обука на нашата Армијата и нагласил оти можноста за школување и обучување во воените школи во Турција досега ја искористиле 1.200 припадници на Армијата. Според него, припадниците на нашата Армија кои работат заедно со припадниците на турскиот контингент во Авганистан се многу успешни во својата работа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *