Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Охрид, Константин Георгиески на денешната прес-конференција најави подобрени еколошки стандарди за градот.
– Охридскиот регион заедно со Охридското Езеро е непроценливо природно богатство, па затоа заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети во нашето работење. Колекторскиот систем долги години не беше функционален со целиот свој капацитет, а во одредени периоди во годината претставуваше огромен еколошки проблем за Охридското Езеро. Благодарение на посветеноста на премиерот Зоран Заев и на Владата, веќе се преземени конкретни мерки за решавање на ова горливо прашање, на што сме посебно горди. Донесена е одлука за Формирање на ново Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на Колекторскиот систем, појасни тој.
Георгиески додаде дека во насока на заштита на езерото, преземени се и конкретни чекори заедно со Општините Дебрца и Струга за пренасочување на реката Сатеска во старото корито, проект што треба да се реализира со средства од европските фондови.
Посочи на започнатата постапка за изработка на Студија за валоризација на Студенчишкото блато, а во тек е подготовка на нов Локален еколошки акционен план на Општина Охрид.
Тој потсети дека во насока на подигнување на капацитетот и подобрување на услугите, за потребите на ЈП „Охридски комуналец“ набавени се седум специјални комунални возила и преземени се конкретни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници согласно сите позитивни законски прописи.
– Во нашата предизборна програма имаме уште многу планови со кои сакаме да придонесеме за современи еколошки стандарди какви што му доликуваат на еден туристички центар. Планираме да ги следиме стандардите за модерно одлагање на отпад во урбаните зони, а ќе реализираме и проекти за осовременување на примарната селекција на отпадот во домаќинствата. Ќе преземеме активности за поставување на нови подземнии прес-контејнери, за кои веќе има утврдени локации. Вложуваме напори за изнаоѓање на локација за депонирање на градежен шут и цврст отпад со што би се решил проблемот со дивите депонии во околината, особено во делот на Националниот парк „Галичица”. Планираме опремување на современа претоварна станица за комунален отпад, како и поставување на мерна станица за контрола на квалитетот на воздухотво Охрид, рече Георгиески.