Пендаровски: Само ако сите чекориме напред и државата ќе оди напред

Оваа држава може да оди напред само ако сме сите заедно и ако сите одиме напред. Не може дел да одат напред, дел да назадуваат. Толку малку сме, толку малку луѓе останаа овде по сите голготи и долг период од триесеттина години транзиција што ако не ги собереме сите креативни сили на едно место, не може да фатиме чекор со модерниот свет, порача вечерва од средбите со граѓаните во општина Центар, кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски.

Посочи дека тој и тие што застанале позади него нудат чекорење напред, за разлика, од како што рече, кандидатот што го подддржа опозицијата кои нудат назадување.

-Тие зборуваат за поништување на Договорот од Преспа и Законот за употреба на јазиците. Тоа  значи сигурен рецепт за назад, а ние многу добро знаеме што значи назад и како беше во изминатите години на нивно владеење кога живеевме во неправди и темнини, рече Пендаровски.

Претседателскиот кандидат како срамно го оцени владеењето и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов во изминатите години. Рече дека нема да се однесува како него и дека пред се ќе се води од интересите на сите граѓани, а не оние кои го поддржале или гласале за него.

Вели дека ќе се обиде да направи се што е во рамки на неговите надлежности, земјава да стане место на живеење во кое младите ќе може да си ја најдат својата среќа, а дури потоа да размислуваат за заминување надвор.

Според него, се случува млади да заминуваат и од земјите членки на ЕУ и НАТО, како Хрватска на пример, но вели, тие тоа го прават бидејќи имаат избор а не се приморани.

Во изминатите десеттина години за време на владеењето на минатат власт, рече, сите кои не беа на нивна страна беа приморани среќата да ја бараат надвор.Тоа, додаде мора да се промени, и младите прво овде да си ја побараат среѓата а дури потоа да размислуваат за надвор.

Претходно заедничкиот кандидат за претседател на државата на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски во рамки на кампањата за претседателските избори имаше средби со граѓаните на Сопиште и Студеничани. Вечерва тој има средба и со граѓани во општина Аеродром.