ГЕОГРАФСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА БАЛКАНОТ
Името „Балкан“ е од подоцнешен датум, по стариот италијански Бог на огнот Вулканус, првенствено Бог на вулканскиот оган, а подоцна и Бог на ковачката вештина. Ова име се однесува на планината Хем и на целиот полуостров. Погрешно е да се смета дека е од турско потекло. Науката за Балканот е балканологијата, која е основана во XVIII век, заради изучување на општествено-политичките, културно-историските, филозофските, фолклорните и други особености на овој дел од светот.
На југоисток од Европа се наоѓа Балканскиот Полуостров, кој во историски и цивилизациски поглед претставува „Стара Европа“, матица на европската цивилизација. Се простира меѓу 35° и 46° 53` северна географска ширина и 13° 23` и 30° источна географска должина. Древното име за Балканот е Хем (Haimos), по планината на север во Тракија.
Според една легенда, планината Хем е наречена така по тракискиот тиранин Хем, кој во двобој го убил Посејдоновиот син Бизант кој, пак, се смета за основач на истоимениот град на Босфорот. Според друго кажување, Хем бил син на Богот на sеверниот ветер Бореј, најсилен од сите ветрови и персонификација на тракиската планина. Бил оженет со Родопа, која му го родила синот Хебар (реката Марица или Хебар). Заради кавгата со боговите, тие биле претворени во планини.
Географски граници на Балканот се: на север Дунав и Сава, на југ Средоземното Море, на исток и југоисток Црното, Мраморното и Егејско Море, на запад Јонското и Јадранското Море. Неговите јужни брегови се многу разгранети. Полуостровот го пресекуваат големи планински системи од север кон југ и југоисток, кои тежнеат од Алпите, преку егејските острови да се спојат со планинскиот систем на Мала Азија. Тоа се Динарско-Шарско-Пиндскиот, Карпатскиот, Балканскиот и Родопскиот систем, со планински врвови до 3.000 м (Рила 2 925 м, Олимп 2.918 м, Пинд 2,914 м, Кораб 3.061 м, Шара 2.748 м, Проклетие 2.694 м, Дурмитор 2.522 м итн.).
Уште во античко време се опишани и опеани многу планини на Балканот, секако најмногу Олимп, потоа Хем и Родопите, но и Пинд, Тајгет, Парнас и други. Филозофот и географ Страбон (66 година пред Христа – 19 година пред Христа), Шар Планина (Skardus) ја нарекувал „Верига на светот“ (Catena mundi).
Меѓу реките доминираат: Дунав, Сава, Морава, Дрина, Дрим, Тимок, Ибар, Неретва, Бојана, Вардар, Бистрица, Струма, Марица, Пинеј и др. Езера се: Охридското, Преспанското, Скадарското, Островското, Костурското итн.
Во внатрешноста на полуостровот климата е умерено континентална, со високи температури на југ до 40° во текот на летото и со суша, и планинска, со големи снежни врнежи. На приморјето климата е медитеранска. Погодните климатски и плодоносни карактеристики овозможуваат добри услови за развој на земјоделието, сточарството, рибарството и др.
Меѓу планините се формирани помали или поголеми широки рамници, од кои најголема е Панонската Низина, во сливот на: Дунав, Сава, Драва, Тиса и Морава. Таа претставува најнизок дел од земјиштето во Панонскиот Басен, меѓу Алпите, Карпатите, Динарските и Родопските Планини. Настанала со повлекување и истекување на Панонското Езеро (Море) низ Ѓердапската Клисура.
Езерото било најголемо за време на плиоценската геолошка епоха, а постепено истекувало кон крајот на плеиоценот и почетокот на холоценот, кога завршува последната глацијална (ледена) епоха на Балканот, околу 10.000 г. пред Христа. За тоа време, под мраз биле многу планини, како што се: Олимп, Пинд, Шар Планина, Пирин, Рила, Јакупица, Проклетие, Дурмитор, Прењ и др.
Другите низини во Србија, Босна, Хрватска, Бугарија, Македонија, Тесалија, Пелопонез и др., сочинуваат околу 29 % од вкупната површина на земјиштето. Претежно на југ и запад на Балканот, меѓу стрмните планини, рамниците меѓусебно се спојуваат преку тесни премини, обично клисури. Ваквата конфигурација на земјиштето во минатото влијаеле во обликувањето на помали човечки заедници, кои подоцна прераснувале во помали етнички групи по системот полис-држави.
Разноликоста на бреговите на Балканскиот Полуостров, многуте реки, котлини и превои, овозможувале погодни услови за рано населување од југ спрема север, и од исток кон запад, долж големите реки и плодните рамници.
Со својата географска положба Балканскиот Полуостров од памтивек бил мост и главна сообраќајница меѓу Азија и Европа, Исток и Запад, што придонело за мултиетнички состав, разновидност од културни и политички влијанија и немири низ историјата. Тоа убедливо го потврдуваат археолошките наоди од разни древни култури. Ни помалку простор ни повеќе историја. Балканот, Европа и светот во целост, во античко време најдобро го опишал Херодот (IV, 36), татко на историјата, кој нагласува дека човекот мора да се смее на тоа како многу научници ја нацртале Земјата. Тие прикажале дека Земјата е тркалезна како круг, дека околу неа течат океани и дека постојат само три континенти: Европа, Азија и Либија (Африка), кои меѓусебе се споени.
Според тоа сфаќање, Европа е најголема и најдолга, па оттаму и нејзиното име, од кованицата evris – широк, простран и ops, opos – многу налик, лице, око, т.е. Европа. Неа ја опкружува Северното Море. Европа немала име, а сега се вика така по ќерката на Филип II Македонски, Европа. Меѓутоа, според Хесиод (меѓу 800-700 година пред Христа), во Теогонија (357) за создавањето на светот и митовите од боговите, Европа е ќерка на Океан и Тетида, сестра на Тракија, Азија и Либија. На Зевс му го родила синот Додон, епонимен херој на Додона, прв храм на Балканот.
Најсеверни народи на Европа во почетокот биле Борејците, кои живееле во Тракија и по долината на Стримон, а подоцна Хиперборејците кои живееле на крајниот север, од онаа страна на Северниот Ветер, т.е. Хем. Херодот понатаму изнесува дека најголема река во Европа е Истар (Danubius) и дека ја опкружуваат океани, како на исток така и на запад.
Баба Планина
Во географски поглед, Подунавјето е голема област која ги поврзува Источна и Западна Европа, Црноморскиот регион и Медитеранот, преку своите притоки и северните делови на континентот со централните области на Балканот. Гигантските алпски и карпатски планински системи го делат Подунавјето на алпски или западен, панонски или средишен и понтски или источен дел. Реката Дунав, исто така, го дели Средно Подунавје на западен дел, кој гравитира меѓу Динара, Јадранското Море и Апенинскиот Полуостров, и на Панонски Базен на исток. Оваа низинска област, која претставува најмаркантна црта на релјефот на Европа, е обележана од источната страна во лак од планинскиот систем Карпати, Трансилванските Алпи и Стара Планина.
Во пределот на Јужните Карпати, Дунав минува низ Ѓердапската Клисура и со тоа ги спојува Панонската и Влашко-Понтската низина. Ѓердап е најголемата клисура во Европа, долга околу 100 км меѓу Голубец и Кладово. Се дели на мал и голем Ѓердап. Најтесен дел на Ѓердап е кај Казан, каде во должина од 9 км има ширина од 150-170 м и длабочина од 20-50 м, а најголемата длабочина е 74 м. Во Ѓердапската Клисура, Дунав има голем пад, вкупно околу 30 м, брзина од 3 м/s, со просечна количина на протекување на водата од околу 5.800-6.000 м³/s. Страните на клисурата се издигнуваат 600-700 м над речниот тек. Во овој дел Дунав е многу богат со разновидна риба, пред сé со моруната која икрата ја исфрла во пролет.
Инаку Карпатскиот лак припаѓа на групата на алпскиот ороген систем, со височини до 2.500 м. Тој е обезбеден со збиени набори кои се состојат од разновидни петролни материи, како што се креда, глинено-песочни чкрилци (плочест камен) итн. кои претставуваат составни делови на каменот во облик на лизарчиња (измазнет валчест речен камен) во речните долини. Тие ќе бидат главен материјал за алатки и уметнички предмети од најстарата култура на Средно Подунавје во камениот период.
Во географска смисла праисториска Македонија се наоѓала како ,,сендвич” меѓу Пелазгија на југ и Бригија и Пелагонија на север. Таа го опфаќала просторот на планинските масиви на Олимп, на исток, преку Пиерија и Пинд на запад, Каракамен и Вич северно со `рбетот на сливот на реката Бистрица (Халиакмон). Многубројните автохтони неолитски племиња им биле соседи на Македонците. Најблиски сродници им биле Магнетите во тесалиска Магнезија, југоисточно од Олимп. Позападно биле Еолците (Минијците, Лапитите, Тироите и Флегијците), потоа Хистиеотидите и Теспротите. На запад биле Енхелејците, а на север Бригите и Пелагонците, додека на исток Пеонците, Тракијците и Мигдонците.
Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН