ЛЕГЕНДИ И ВИСТИНИ ЗА ПРЕСПА
За големиот број градови и села во Македонија постојат легенди и преданија. Една од нив се однесува на Преспа. Според приказните на старите Преспанци, на просторот на денешното езеро, се наоѓало плодно поле, со многу села и градот Преспа, расположен на брегот на малото езерце на граничното тромеѓе.
Легендата вели дека градот бил убав, со големи згради и чаршија, богата со дуќани. Трговците тргувале со многу градови во светот, носејќи му на градот Преспа големо богатство и култура.
Во градот живеел богат трговец кој имал ќерка единка, со убави очи, руса коса и витка става. За нивна несреќа, кога наполнила 16 години, таа одненадеж починала. Од неа се простиле на најдобар можен начин: ја накитиле со злато и сребро, ја облекле во најубавата облека и ја погребале. На нејзиниот закоп присуствувало целото население од градот.
Но, во несреќата на девојката, некој видел среќа. Двајцата гробари намамени од богатството што го виделе на неа, решиле да ја ограбат. Кога градот потонал во сон, тие дошле на гробиштата, го откопале гробот и трупот на девојката го внеле во црквата, да можат на мир да ѝ го симнат скапиот накит. Но, сметката не им испаднала на пазарот. Амајлијата од вратот и прстените од рацете на девојката не можеле да ѝ ги извадат.
Преморени од вложениот напор без ефекти, решиле да ја остават девојката во црквата, а тие да се одморат дома, да преспијат. Но, наместо да се одморат, лошиот сон уште повеќе ги измрцварил. Во сонот им се појавила девојката, со нож во рацете и со закана дека ќе ги убие, ако не ѝ го вратат накитот.
Дел од Преспанското Езеро
Се разбудиле и не чекајќи да се раздени, отишле во црквата. Кога пристигнале кај мртвата девојка, решиле да ѝ го пресечат вратот и прстите од рацете, за да дојдат до амајлијата и прстените. Кога постариот гробар го извадил ножот, девојката одеднаш оживеала и вчудоневидена ги прашала зошто сакаат да ја убијат. Во тој миг помладиот гробар влегол во просторијата, преплашен од глетката што ја видел, енергично му се спротивставил на другиот во извршувањето на злосторот.
„Чекај, нема да ја погубиме! Ќе ѝ го смениме името и ќе ја продадеме на некој богат трговец“, рекол тој. Девојката се согласила да ја прекрстат во Преспа, дала заклетва дека за ова никој нема да дознае и уште истата вечер му ја продале на некој стар и богат трговец од Цариград, кој тие денови престојувал во нивниот град, а на кого му била потребна робинка што ќе се грижи за него и за неговата сопруга.
По нивната смрт таа ги наследила, но посакала и да се врати во својот роден крај. Но, кога пристигнала во Преспа никој не верувал во нејзината приказна, туку побарале од неа да го напушти градот. Сепак, проблемот бил решен со изјавите на оние двајца гробари, чија изјава ја прифатиле властите и дозволиле Преспа да остане во својот роден град. Така градот Преспа го добил своето име, а потоа и поширокиот регион.
Од јужната страна на Преспанското Езеро, пак, во близина на сегашното Перово Кула, во Долна Преспа, каде двете преспански езера се на растојание од само 200 метри, нив ги поврзува река, чии води се вливаат од Малото во Големото Езеро. Оваа река е поврзана со минатото на Преспа. Постарите Преспанчани раскажувале дека патот на оваа река бил многу подолг, а реката поголема.
Таа почнувала од подножјето на планината Врба, во близина на селото Л’к и завршувала кај завојот на Нивичка Планина, во местото Роот, каде што сега езерото е најдлабоко. Низ подземните пукнатини и канали под планината Галичица, водата од езерцето се провлекувала и вливала во Охридското Езеро.
Според кажувањата, тогаш Преспа била широко и плодно поле, со многу села и големиот град Преспа, кој тогаш се викал Река. Веројатно името го добил по Големата Река, која почнувала и завршувала во Преспа. И кога градот Преспа со селата биле во зенитот на својот развој, се случило најлошото. Регионот бил зафатен од силен земјотрес, земјата се распукала и се појавила голема вода, која го потопила градот и селата и тие под водата останале засекогаш.
Црквата „Св. Ахил“
Подземните канали и пукнатини под Галичица, низ кои истекувала водата, се затвориле, и малото езерце почнало да го зголемува своето ниво и да ги поплавува полето и селата. Така дошло до трка во спасувањето и селењето на луѓето, која траела со години и векови, се’ додека езерото не го достигнало сегашното ниво. Селаните што остналае без своите куќи, побарале спас во градот Преспа или подигнале нови живеалишта во правец на Охрид кон северозапад и на југ кон Костур.
Така биле создадени сегашните Леринско-костурски села Желево, Оштима, Перово, Руља, Брезница и Габреш, а областа во која се наоѓале се викала Корешта. А бидејќи дошле од областа Река, го добила името Рекарци, кое се’уште го носат.
Големата Река која го сечела полето за да се влие во тогашното езерце, Преспа ја делела на Горна и Долна. На реката имало неколку мостови кои ги поврзувале селата и населбите. Зачестените есенски дождови и топењето на пролетните снегови во планините, предизвикувале доаѓање на голема вода која го затнувала речното корито и го поплавувала полето и посевите, предизвикувајќи големи штети.
Тогашните владетели во Преспа, а подоцна и царот Самоил, организирале акции за расчистување на речното корито. Населението кое учествувало во тие акции било ослободувано од плаќање данок. Со оглед дека овие луѓе со децении го чистеле речното корито, некои претпоставуваат дека името Рекарци го добиле токму поради тоа.
На локалитетот Латински Гробишта, во непосредна близина на селото П’пли, во Долна Преспа, се развила голема населба. Во неа се топела руда добивана од рудникот Рудари, во непосредна близина на селото Рудари, кое името го добило по рудникот. Од преработената руда се ковало оружје и друга опрема за војската. Тогашните владетели на Преспа, па и самиот цар Самоил, својата војска, главно, ја опремувале со ковано оружје во Преспа. Во населбата се ковале и бакарни предмети за потребите на домаќинствата. Населбата денес наликува на купишта камени грамади.
При обработка на земјиштето, жителите од Преспа, често наидувале на темели од некогашни градби и водоводна канализација. Таков е случајот со локалитетите кај Долно Пиово, каде и денес се откопуваат глинени ќупови од големи размери, разни монети и други метални предмети. Вакви локалитети има скоро на сите страни на Преспанското Езеро. Таков е случајот и со Долна Преспа. Во близина на селото Винени, на брегот на Малото Езеро, постоела голема населба.
Поголемиот дел од урнатините се наоѓале под водите на езерото. На брегот биле и урнатините од големата црква „Свети Ѓорѓија“. Малото село Винени, поради навлегување на езерските води во него, било преселено во подножјето на ридот. И селото Наколец неколкупати било преселувано.
Во 1935 година нивото на Големото Езеро опаднало за еден метар во однос на нивото на Малото Езеро. Жителите од блиските села до Малото Езеро го прошириле коритото од реката на Перова Кула и за неколку часа малата река се претвориле во страотен матен брзак кој го однел мостот што бил единствена врска во селата од Долна Преспа. Населението останало отсечено неколку месеци, се’ додека нивоата на двете езера не се израмниле и на реката не бил направен нов мост.
Дел од убавото Преспанско Езеро
Легендите и верувањата на рибарите дека на дното од езерото има градби, биле повод во 1936 година во Мала Преспа да дојдат двајца нуркачи, кои според упатствата на рибарите биле спуштени на дното на Малото Езеро. Набрзо претпоставките биле потврдени. На повеќе места на дното на езерото нуркачите забележале остатоци од стари градби, куќи, цркви, а од некогашното речно корито извлекле греди од стари мостови.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН