Состанок во премиерската палата во Атина за прашањето за името

Неколку министри од грчката Влада, меѓу кои и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас и коалицискиот партнер во Владата и министер за одбрана Панос Каменос учествуваат на состанокот во премиерската палата, свикан од премиерот Алексис Ципрас.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, главната тема на овој, како што го коментираат грчките медиуми, „вонреден мини министерски совет“, е прашањето за името. Официјална потврда за состанокот од кабинетот на Ципрас нема, барем засега. Но, грчките медиуми, повикувајќи се на свои извори веќе го најавија. Почетокот на средбата беше закажан за 11 часот по грчко време.

Неофицијално, на состанокот под палката на Ципрас учествуваат вицепремиерот Јанис Драгасакис, министрите Никос Коѕијас и Панос Каменос, алтернативниот министер за одбрана Вицас и тројцата министри без ресор.

Земајќи ги предвид фактите што спорот со името во Грција се претвори и во внатрешен проблем од една страна, но и тоа дека не постои конкретно име и официјален предлог на маса, од друга страна, состанокот во премиерската палата веројатно повеќе ќе има внатрешно-политички карактер. Не е исклучена можноста на средбата да се направи обид за приближување на позициите на двајцата коалициски партнери во Владата. Ципрас од СИРИЗА е за сложено име со терминот Македонија, Каменос од Независни Грци, пак, не прифаќа име во кое би бил вклучен овој термин.

Според информативниот портал News247, министерот за надворешни работи се очекува да ги информира Ципрас и учесниците на состанокот за сите нови факти во однос на преговорите меѓу Атина и Скопје за името, додека пак целта на премиерот е, се посочува, да се најде заедничка линија со Панос Каменос, и покрај несогласувањето на Независни Грци за сложено име.

– Министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, ќе ги информира за сѐ што е направено до сега и за тоа каква е климата и во однос на расположението на власта во пЈРМ и врз база на притисоците од меѓународните фактори за решавање на нерешениот проблем со името. Соработниците на премиерот оценуваат дека и покрај неодамнешните изјави на Каменос дека нема шанси да поддржи предлог во кој би бил вклучен терминот Македонија, постои простор за промена на позицијата на малиот владин партнер, доколку од преговорите произлезе целокупен позитивен предлог, пишува „Катимерини“.

Денешниот состанок, како што јавува дописникот на МИА од Атина, е прва средба во премиерската палата во новата година, но и прва средба за конкретното прашање.

Грчките медиуми коментираат дека постои зголемена раздвиженост за прашањето за името, а во тие рамки велат дека е и денешниот мини министерски состанок, воедно, денешната средба ја поврзуваат и со телефонските разговори на Зоран Заев со Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, со претстојната посета на Бујар Османи на Атина и со новата рунда разговори за името во Њујорк.

Како што објави МИА во понеделникот, состанок на министерскиот совет, седница со парламентарната група на СИРИЗА и тет-а-тет средба Ципрас – Каменос, беа дел од можните иницијативи на грчкиот премиер во однос на прашањето за името. Ципрас, сепак, се чини дека започна од мини министерски состанок, а потоа веројатно, дополнително ќе ги одреди и неговите следни чекори.

Во однос на следната средба на Нимиц со преговарачите на двете земји, очекувањата на медиумите во Грција се дека можеби на преговарачката маса ќе бидат првите имиња, односно некаков конкретен предлог или конкретни предлози, бидејќи, времето тече, а рокот за постигнување решение до НАТО самитот во јули, се намалува.