Димитров се сретна со генералниот секретар на Јадранско-јонската иницијатива, Кастеланета

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска се сретна со генералниот секретар на Јадранско-јонската иницијатива, амбасадорот Џовани Кастеланета, приддружуван од Иван Иванишчевиќ, Генерален директор за мултилатерала во МНР на Црна Гора, во функција на претседавач со оваа иницијатива.

На средбата, соопшти МНР, министерот Димитров изнесе задоволство од поддршката на Секретаријатот и земјите-членки за членството на Република Северна Македонија во оваа иницијатива (мај 2018 година).  Изнесе надеж дека нашата држава како најмлада членка и со нашиот активен пристап ќе придонесе кон натамошно јакнење на регионалната соработка, согласно целите и начелата на Иницијативата. МНР Димитров ја истакна важноста на регионалната соработка, имајќи ги предвид новите перспективи кои таа ги нуди.

Амбасадорот Кастеланета ја пренесе поддршката на ЈЈИ, за што поскоро започнување на пристапните преговори за членство во ЕУ. Беа разменети мислења за заедничката стратегија на ЕУ и ЈЈИ (ЕУСАИР), како и за придобивките за нашата држава во евро-интегративниот процес.

Заеднички беше констатирано дека продлабочувањето на соработката во рамките на самата иницијатива, но и со други регионални организации ќе овозможи поинтензивна динамика на конкретните форми на соработка во областа на транспортот, туризмот, културата, животната средина.