Претседателот на Собранието Талат Џафери упати апел за фер и регуларни избори до граѓаните, политичките партии, но и до кандидатите за претседател пред почетокот на кампањата за претстојните претседателски избори, која официјално стартува на 1 април, бидејќи тоа е во интерес на државата и еден од условите за датум за преговори со ЕУ.
-Првично апел до сите граѓани на РСМ да ја искористат својата можност и право да излезат на избирачките места, да го искористат правото на глас и со тоа фактички да придонесат кон почетната регуларност на целиот процес. До политичките субјекти кои директно или индиректно ги поддржуваат кандидатите за претседател на државата, апел до нив со своите постапки и изјави да не придонесуваат кон вжештување на предизборната кампања, но да имаат соодветно ниво на политичка култура во меѓусебната комуникација, односно комуникацијата едни кон други и со граѓаните, рече Џафери во изјава за медиумите по редовниот брифинг.
Во апелот до кандидатите за претседател тој се повика на нивниот интелектуален кредибилитет.
-На крајот апел и до самите кандидати имајќи предвид дека во контекст на нивниот интелектуален кредибилитет ги имаат сите предуслови тоа и да го рефлектираат во кампањата и со интелектуалниот пристап кон граѓаните да придонесат изборите да бидат што поприфатливи за сите, односно кампањата да не добие негативна конотација, подвлече Џафери.
Ова е рече, во општ интерес на граѓаните на РСМ, во интерес на нашата држава во контекст на атлантските и евроинтегративни процеси имајќи предвид дека еден од предуслосвите за добивање датум ќе биде и оценката за изборниот процес.
-И во тој контекст се надевам дека сите учесници ќе придонесат оценката да биде што попозитивна за сите нас, рече претседателот на Парламентот Џафери.
На средбата со новинарите запрашан што доколку не биде постигнат цензус во вториот круг од изборите, тој укажа дека постои процедура согласно Устав и закон според која целата постапка се повторува, а претседателот на Собранието станува вршител на должност на функцијата се до изборот на новиот претседател.