Асоцијација за е-трговија го одржа второто годишно собрание

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) во текот на изминатата година  успеа да ја крене свеста за значењето и потенцијалност на е-трговијата за стимулирање на прогрес и економски раст на земјава, беше истакната на вчерашното второ годишно Собрание на АЕТМ.

– Сите сме свесни за дигитализацијата и нејзината неопходност, за ризиците од социјална ексклузија ако не се придвижиме кон дигиталнo општество, ако не успееме да ги зголемиме капацитетите, ако не го едуцираме населението и ако не ги промениме нашите ставови и сфаќања, рече Нина Ангеловска, претседателка на АЕТМ.

Додаде дека е неопходно фокусот да се стави на брзината кон адаптирање и прифаќање на промените, бидејќи, како што посочи, единствено на тој начин можеме да фатиме чекор со светските трендови.

– Е-трговијата повеќе не е диференцијатор на компаниите и избор за дали некоја компанија ќе одлучи да ги нуди своите производи и услуги онлајн. Сите оние кои избегнуваат да го отворат овој нов канал, испуштаат нови потенцијлани купувачи, рече Ангеловска.

Министерот за информатичко општество и администравија, Дамјан Манчевски посочи дека државата може да придонесе кон зголемување на е-трговијата преку гарантирање на сигурност и безбедност на граѓаните при користење на услугите онлајн.

– Владата веќе ги усвои трите закони што обезбедуваат правна можност граѓаните да добиваат услуги онлајн, но и гарантираат безбедност. Станува збор за Законот за централен регистар на население, Закон за електронско управување и електронски услуги и Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Но, не може да зборуваме за услуги, а да не покажеме свесност за дигиталните способности и вештини на граѓаните. Мора да инвестираме во младите уште од најрана воздраст да стекнуваат вештини што ќе им помогнат да бидат понатаму конкурентни на пазарот. Ние како држава веќе активно вложуваме и сме дел од мапата на држави каде се развиваат дигитални вештини, рече Манчевски.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски информира дека Царинската управа во процесот на дигитализација и воведување на Е-царина наскоро ќе го воведе новиот систем за обработка на податоци со што ќе бидат создадени услови за безхартиена царинска постапка. Додаде дека асоцијацијата ќе биде вклучена во новиот проект на Царинската управа, која со помош на Царинската управа на Јужна Кореа ќе работи на поедноставување во самите царински постапки и поедноставна прекугранична трговија.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски посочи дека поголем дел од над 200 микро, мали и средни претпријатија кои се корисници на средства од ФИТР планираат пласирање на своите производи и услуги и освојување на нови пазари преку е-трговија. Тој додаде дека нивна цел е да ја направат законската регулатива подостапна во делот на е-трговијата.

По првата успешна организирана конфренција за е-трговија минатата година, најавена е и овогодинештата конференција што е планирана за октовмри годинава, се наведува во соопштението од АЕТМ.