ДЕЛ ОД ИСТОРИЈАТА ЗА МАКЕДОНИЈА
Свеста за себе и за творење се основни карактеристики како на поединецот , така и на човечкиот род како целина. Најзначајни иновации на луѓето, како основа за формирање на историјата на човештвото се јазикот, писмото, идеологијата, науката и технологијата.
Во овој процес, во различните праисториски периоди и во текот на времето, од морето насобрани идеи, знаења и искуства дошло до издвојување и осамостојување на разни техники, уметнички достигнувања, митови, религии, писма, идеологии, науки и технологии.
Најзначајна одлика на човечкиот род е свеста (индивидуална и колективна) која има универзално значење во сите духовни активности. Затоа феноменот на свеста е еден од најстарите проблеми и централна тема на расправите од самиот почеток на филозофските мисли на Исток и Запад, кој до денес се третира низ разни митолошки, мистични и филозофски системи.
Првиот научен обид за објаснување на феноменот на свеста (како најкомплексна мозочна функција) е даден од страна на Обединетите нации, каде последната деценија на ХХ век се означува како деценија токму на истражувањата на мозокот и свеста.
Во услови на модерна информатика и будење на регионалните национализми, желбата на авторите на ова истражување е, со понирање во палеобалканскиот свет, да укажат на значењето на низата најнови археолошки, лингвистички и историски информации за едно културно наследство, кое се злоупотребува за обликување на свеста.
Ковчегот од Кутлеш (Палатица-Вергина)
Покрај тоа, целта е да се истакне како е родена и именувана Европа на овие меридијани и да се покаже дека палеобалканската култура претставува прапочеток, „архетип” на светската цивилизација. Овие разгледувања се комплементарни со теориите за етногенезата на разни народи на Балканот, а ја намалуваат исклучивоста на многу теории, што е предуслов и залог за опстанокот на идните генерации на овие простори.
Моделот на основачот на комплексната психологија д-р Јунг, за архетипското колективно несвесно, ни послужи како парадигма во разоткривањето на таа палета на архетипското колективно несвесно по прашањето на археологијата, лингвистиката, праисторијата и митологијата од палеобалканологијата. Пишаната историја е главниот дел кој архетипски допира длабоко наназад, до појавата на човечкиот вид на Земјата. Археолозите, лингвистите и историчарите ги проширија нашите знаења за минатото за повеќе илјади години.
Публикацијата од „Панонија до Егеј“ е поделена на четири дела. Во првиот дел се дадени географски карактеристики на Балканот и археолошки наоди од праисториските култури на Балканот. Вториот дел е насловен како „Историска реконструкција на палеобалканските и егејските популации“. Во него се дадеди материјали за: Хиперборејците (Северците) и нивните современици, потоа за народите: Бриги, Traкијци. Енхелеи, Пелагонци, Пеонци, Македонци, Еолци или Еољи, Минијци, Лапити, Тирои, Пелазги, Јонци, Минои – Крит и Киклада, Ахејци во Пелазгија, Лелези или Лелеги, Карци, Ликијци Лувијци, Лиѓани, Хетити.
Исто така, во овој дел се дадени материјали под наслов:„Големите селидби на Балканот во бронзено-железниот период“, „Илири“, „Миграцијата на Дорците (Хелените) во Пелазгија“ и „Келти“
Во третиот дел се поместени материјали за палеоглосологијата на Балканот, ономастиката на Грција, ономастиката на Централен Балкан, како и материјали за хидронимите, хоронимите и оронимите.
Во четвртиот дел е пренесена реконструкција на античкиот митолошки систем на Балканот на основа на панонските хидрономи од митолошки содржини, потоа материјалите „Олимписки Пантеон во Панонија“, „Хераклитовите патувања по Дунав“, „Еволуција на палеоглосологијата на Балканот“, “Историскиот развој на грчкиот јазик“, „Посебност на јазикот на Македонците“ и „Улогата на Скитите-Прасловените во континуитетот на палеобалканската цивилизација“.
Посебно внимание привлекуваат текстовите посветени во Заклучокот на македонски и на англиски јазик, литературата и објаснувањето на главните поими.
Публикацијата од „Панонија до Егеј“, чиј автори се академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и Славе Николовски-Катин, издадена од Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје во 2007 година, на 196 страници е напишана со желба да понуди еден научен поглед, еден систематизиран прилог за овие европски простори од праискoна, што можеби би било предизвик на одредена пројава на научниците, пред сé историчарите и лингвистите, за неконформистичка анализа на праисторијата врз основа на новите извори на информации. Рецензенти на ова дело се: Александар Донски и м-р Мартин Треневски.
Македонски лав
Инаку, Академикот проф. д-р Антоније Шкокљев – Дончо е еден од доблесните Македонци кој својот живот го посветил на науката, на здравјето на луѓето, на напредокот на новите генерации во областа на медицинските науки, на палеолингвистиката и на древните корени на народите на Балканот, со особена нагласка на Античка Македонија, како и на македонскиот народ и Македонија.
Проф. д-р. Шкокљев беше роден во познатото македонско револуционерно село Д’мбени, Костурско, во егејскиот дел на Македонија, денешна Грција, на 24. 09. 1923 година, а почина на 94 -годишна возраст, на 01 мај 2018 година во Белград. Неговото Д’мбени е село во кое се родени плејада предвоени македонски борци и интелектуалци, меѓу кои, Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и други кои се бореле за афирмација на македонските идеали. Во Д’мбени се родил и најголемиот донатор од македонската дијаспора, Атанас Близнаков, кој живееше во Гери, Индијана, во САД.
Славе Николовски-Катин, пак, и‘ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на животот на Македонците во светот. Исто така, неговата работа се однесува и на низа други аспекти поврзани со етничка Македонија, како и со културата, литературата, јазикот, историјата, журналистиката и религијата.
Покрај 58 публикации, Катин е автор и на над 100 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тој е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои и на престижната награда “Крсте Петков Мисирков” на Здружението на новинарите од Македонија од областа на журналистиката.
На крајот ќе нагласиме дека публикацијата „Панонија до Егеј“ е пишувана и за тоа на читателите со пошироки интересирања да им претстави слика за праисториските случувања сочувани во митологијата и лингвистиката. Поединечната обработка на ономастиката услови и делумно повторување заради честопати испреплетената материја. Посебна значење на публикацијата е тоа што таа е дел од историјата за Македонија.
Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН