Жрепка за редоследот на претседателските кандидати на гласачкото ливче

Во Државната изборна комисија денеска на јавна седница со жрепка ќе се утврди редоследот на единствената листа на кандидат за избор на претседател на државата. Ќе се утврди редоследот на гласачкото ливче со тројцата претседателски кандидати: Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река. Тие и официјално се кандидати во изборната трка за претседател на државата, откако вчера Државната изборна комисија ја потврди регуларноста на нивните кандидатури.

Пендаровски, кандидат од СДСМ и колицијата, Силјановска  од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Река, зад кого застанаа Алијансата на Албанците и Движењето Беса, до 1 април, кога почнува кампањата за претседателските избори, треба да се воздржат од јавни настапи, изјави или се што би значело кампања.

Европска, достоинствена, мирна, демократска кампања најавија подносителите на кандидатурите на тројцата кандидати.

– Стево Пендаровски и сите ние несомнено влегуваме како фаворити за претседател на нашата држава. Ве уверувам како шеф на Иборниот штаб дека ќе имаме мирна, достоинствена кампања која ќе го отсликува нашето демократско општество, изјави вчера Александар Кирацовски, шеф на Изборниот штаб на Пендаровски, откако до ДИК и официјално ја достави кандидатурата.

Тој ги повика сите политички партии заедно да водат соодветна европска кампања која на површина ќе го извади најдоброто од сите.

Средби со граѓани, локални и централни митинзи, но и користење на новите медиуми, социјалните мрежи најавија изборните штабови на тројцата кандидати во текот на кампањата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски вчера по поднесувањето на кандидатурата на Силјановска најави европска кампања, бидејќи како што рече, партијата својата иднина ја гледа во Европа.

Нагласи дека Гордана Силјановска Давкова е вистинскиот избор за иден претседател на  државата и додаде оти очекуваат одлична кампања зашто има основа за добар натпревар при што ќе победи најдобриот, а според нив тоа е Силјановска.

Пред три дена во ДИК беше поднесена кандидатурата и на кандидатот на албанската опозиција Блерим Река.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски вчера апелираше до сите учесници во кампањата изборите да поминат во фер и коректна атмосфера, да претставуваат вистински политички натпревар на идеи, со цел да се добијат кристално чисти избори кои ќе значат еден плус повеќе за развој на демократскиот капацитет на државата.

– Како ДИК од денот на распишување на изборите, 8 февруари,  па се досега, направивме се организациски изборите да поминат во најдобар можен ред и ќе продолжиме со организација до денот на изборите, изјави Деркоски.

Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај.