Визијата за „Паметен град Велес“ е тесно поврзана со можноста за користење на Инфрматичко-комуникациските и други технологии и иновации во корист на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и паметно управување со ресурсите на градот. Нацрт верзијата на стратегијата ќе биде разгледана на претстојната 31-ва седница на Советот на Општина Велес што ќе се одржи идниот четврток. Веднаш потоа документот ќе биде ставен на увид на јавноста за евентуални предлози и забелешки.
Од Општина Велес наведоа дека Стратегијата опфаќа пет стратешки подрачка. Првата е Паметно управување со енегијата/ресурсите и заштита на животната средина.
– Паметно јавно осветлување, паметно управување со отпад, поттикнување на употреба на паметни технологии – мерење со инсталирање на паметни мерачи за континуирано следење на потрошувачката на електрична енергија, гас, топлина, но исто така и следење на водоводната мрежа и системот за одведување на отпадните/атмосферските води, појаснуваат од Општина Велес.
Второто стратешко подрачје е генерирање одржлива урбана мобилност заснована на користењето на технологиите, иновациите, човечкиот капитал, економските придобивки за градот, како и податоците и информациите кои се однесуваат на репроценка и подобрување на самиот план за одржлива урбана мобилност на Велес, што подразбира јакнење на јавниот градски превоз со воведување на електрични возила и возила кои користат „чисти“ погонски горива (гас и сл.) , паметни паркинзи, регулација и контрола на мобилност за пешаци и велосипедисти, а како што наведоа од Општината, таа област детално е опфатена и со Планот за одржлива урбана мобилност на чија изработка работи словенечката компанија „АПИА“.
Третата стратешка област е развој на дигитална инфраструктура што вклучува широкопојасни комуникациски мрежи и долгорочно обезбедена и достапна дигитална инфраструктура, која претставува основа за сите напредни паметни услуги за сегашните и идните потреби во градот.
Четвртата стартешка област е паметно и транспарентно управување кое вклучува систем за управување со дигитални јавни услуги.
Петтата стратешка област е паметно живеење и социјални услуги- пошироко подрачје во чиј домен влегуваат паметните концепти и решенија од областа на образованието, претприемништвото, иновациите, креативните индустрии, културата, пристапот до фондови, како и широк спектар на социјални услуги со фокус на ранливите групи граѓани.
– Акциониот план на стратегијата вклучува голем број активности и проекти чија цел е преку користењето на информатичко-комуникациската технологија и енергетската ефикасност да се подобри животот на велешани во сите области во надлежност на општината, потецираат од Општина Велес.