Ципрас се подготвува за посета на Скопје

Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за надворешни работи на Грција, работат на планирање на посетата на грчкиот премиер на Скопје, што според дел од грчките информативни портали, ќе биде на почетокот на следниот месец, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, новинарите во Грција, повикувајќи се на свои информации, пишуваат дека по патувањето на Ципрас во Скопје, ќе следи и посета на Зоран Заев на Атина.

-Министерскиот тим што ќе го придружуваат Алексис Ципрас, уште не е одреден, а се подготвува и бизнис делегација што ќе биде со него, во голем дел ќе бидат бизнисмени од Северна Грција. Туризам, градежништвото, енергијата ќе бидат некои од областите на кои ќе се стави акцентот. Пред Велигден, пак, се очекува да се реализира посета на Зоран Заев на премиерската палата, објави грчкиот портал „Њузпост“.

Плановите за посета на Скопје ги откри самиот грчки премиер во петокот вечерта за време на говорот на четвртиот Економски форум во Делфи. Како што веќе објави МИА, Алексис Ципрас рече дека многу бргу ќе биде првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје, придружуван од бизнис делегација.

Премиерот Зоран Заев, говорејќи за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), од Минхенската безбедносна конференција, минатиот месец, рече дека ја очекува првата посета на Алексис Ципрас, „можеби во март или април, кога е најдобро за него“, и додаде дека потоа тој ќе ја посети Атина.

-Во Атина, ќе дојдам по прв пат со владиниот авион на кој ќе пишува „Република Северна Македонија“, за да им покажам на нашите пријатели од Грција, од грчката Македонија, дека се држиме до договорот и сакаме пријателски односи со јужниот сосед, рече Заев.