Заев-Колер: Резултатите на социјален и економски план се добар аргумент за пристапните преговори со ЕУ

Резултатите на социјален и економски план ќе бидат добар аргумент и за пристапните преговори со ЕУ, особено за поглавјето 19 кое се однесува на социјалната политика и вработувањето, е оценето на денешната средба на помошник генералниот директор на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Хајнц Колер со премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Владината прес- служба информира дека на средбата се поздравени позитивните политички промени по Договорот од Преспа, што резултирало и со резултати во економско-социјалната сфера.

– Република Северна Македонија стана надежна земја во регионот. НАТО интеграцијата е почната. Очекуваме, во јуни, отворање на преговорите со ЕУ. Тоа за нашата држава значи стабилност и безбедност, но значи и подобрување на начинот на живот на граѓаните. Посветени сме на програми за зголемување на животниот стандард, што сега, поради позитивната клима во државата, има услови да се реализираат. Нашата цел е мотивирани работници и мотивирани граѓани. Очекуваме да ја постигнеме целта што си ја поставивме, а ја ветивме и на граѓаните, развој на државата на социјален и на економски план, истакнал Заев.

На средбата се разгледани можностите за помош и размена на искуства од МОТ во делот на стекнување вештини и подобрување на вештините за работа на работниците. Разговарано е и за значењето на конференцијата што ја организира МОТ во јуни во Женева на која се очекува да присуствуваат  претставници на високо политичко ниво од земјите од ЕУ.