Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД) – Штип во наредните пет месеци ќе биде домаќин на 40 студенти од европски универзитети што се дел од Програмата „Еразмус +“.
– Студентите од европските универзитети ќе бидат дел од наставата на повеќе факултети, а поголем дел од нив ги имаат избрано Медицинскиот факултет, потоа Информатика, Економски, Машински, Правен и на Академија за ликовна уметност, објасни Сања Стефанова, координатор на Програмата „Еразмус + “ на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип
Стефанова додаде дека покрај овие студенти имаат и група на студенти од Шпанија, кои се на пракса на лабароториите на универзитетот и во болниците со кои УГД има соработка.
– Програмата „Еразмус + “ на студентите и на наставниот кадар на универзитетите им овозможува да разменуваат искуства и знаење со колегите од европските универзитет, а штипскиот универзитет има потпишано договори со околу 300 универзитети во Европа. Студентите можат да изберат и да конкурираат на било кој од универзитети со коишто имаат потпишано договор, посочи Проректорот на УГД – Штип, Кирил Барбареев.
Тој истакна дека во тек е и огласот на којшто студентите коишто се запишани на УГД можат да се пријавуваат и да бидат дел од оваа програма, а огласот е до 28 март. Тој нагласи дека обезбедено е сместување на 40 студенти кои доаѓаат од европските универзитети, но во иднина треба да се реши и овој проблем.
– Во наредните пет месеци ќе ја запознам културата и традицијата на вашата земја, но за мене е многу важно што предавањата овој семестар ќе ги слушам на англиски јазик. Токму тоа ќе биде и едно поголемо искуство и знаење, вели Катја Окоњска која доаѓа од Полска и е студент на Медицинскиот факултет.