Црна Гора ќе го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО

Собранието на Црна Гора денеска ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На пленарната седница на која ќе се гласа за ратификацијата ќе присуствува претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Како што е најавено, Џафери ќе има и билатерална средба со неговиот домаќин претседателот на Собранието на Црна Гора Иван Брајовиќ.

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ, во пресрет на ратификацијата на Протоколот, изјави дека со овој чекор Подгорица ја потврдува досегашната поддршка за Република Северна Македонија, која ќе биде дополнителен фактор за стабилноста во регионот и неговата евроатлантска перспектива.

Црна Гора е членка на Алијансата од 2017 година.

Протоколот за членство во НАТО прва го ратификуваше Грција, а досега тоа го направија и Словенија, Албанија и Бугарија.