Заради санација на мостот на Вардар од средина на март затворен за сообраќај регионалниот пат Неготино-Пепелиште

Се врши санација на мостот на реката Вардар, а од средина на март регионалниот пат Неготино-Пепелиште ќе биде затворен за сообраќај, рече Методи Митрев, портпарол на неготинската локална самоуправа.

Тој ја пренесе информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта дека се врши санација на мостот над реката Вардар, на регионалниот пат Р1103, делница Неготино-Пепелиште. Во наредниот период ќе се демонтираат постоечките АБ носачи, со што нема да може да се одвива сообраќајот по мостот, а со тоа регионалниот пат Неготино-Пепелиште ќе биде затворен за сообраќај.

Паралелно со одвивањето на градежните работи, Јавното претпријатие за државни патишта вршело подготовки за оспособување за нормално одвивање на сообраќајот на локалниот пат Неготино-Криволак-мост на реката Вардар-приклучување на Р1103 кај селото Пепелиште.

– Се информираат сите граѓани дека поради присутната состојба, на мостот ќе може да се одвива сообраќај на возила со вкупна маса од 7,5 тони и како ограничување во однос на висината на возила до 3,6 метри. Затворањето на споменатата делница треба да се случи кон средината на март за што јавноста благовремено ќе биде информирана. Имајќи предвид дека е предвидено патот да биде затворен за сообраќај подолг временски период, населението преку средствата за јавно информирање ќе биде информирано за текот на одвивањето на работите, соопшти Митрев.