Струмица ја одбележа петнаесетгодишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица ја одбележа петнаесетгодишнината од неговата смрт.

Членови на семејството Трајковски, граѓани, роднини, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик, уште еднаш ја искажаа својата почит.

За ликот и делото на претседателот Трајковски зборуваше претседателот на Советот на Општина Струмица Марјан Даскаловски.

– НАТО и ЕУ беа негови два сона, за кои толку многу посакуваше да станат јаве. Еден од нив стана реалност дури 15 години од неговата смрт, бидејќи Република Северна Македонија стана дел од НАТО алијансата, а вториот е на прагот да се престори во јаве. За таа симбиоза меѓу сонот и јавето тој честопати патуваше во посета кај лидерите на влијателните земји и ја бараше нивната безрезервна поддршка за исполнување на интегративните заложби на нашава земја, рече Даскаловски.

Додаде дека каде и да одел, со задоволство се враќал дома, во својата татковина, а посебно задоволство му причинувале неговите посети на родната Струмица, градот на неговото детство и неговата младост.

– Струмица се гордееше со Борис Трајковски како што тој се гордееше со Струмица. Таа заемна љубов беше повеќе од очигледна, рече Даскаловски.

Во рамки на одбележувањето на петнаесетгодишнината од смртта на претседателот Трајковски млади рецитатори одржаа пригоден рецитал, а Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица традиционално засади дрвце во близина на споменикот.